Планот за чист воздух не е магично стапче, проблемот со загадувањето бара работа во наредните децении

Планот за чист воздух кој во наредните две години треба да го намали загадувањето на воздухот за половина не е магично стапче кое ќе го реши проблемот засекогаш, туку е само почеток на децениска заложба која им претстои на институциите, академската фела и невладиниот сектор, заедно со граѓаните.

Енергетската сиромаштија на домаќинствата и поголемата контрола на загадувањето кое доаѓа од индустријата се двете теми за кои најмногу се дискутираше на вчерашниот отворен ден посветен токму на Планот за чист воздух на Министерството за животна средина.

„Аерозагадувањето не е проблем што може да го решиме за кратко време, ниту може да го решиме ако се фоксуираме само на една работа“, нагласи Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко свест“.

„Еден ваков план сам по себе не може да ја заврши работата, не е магично стапче и мора сите интензивно да работиме во следните 15 години, ако не е и подолго“, надополни таа.

Според неа, енергетската сиромаштија на домаќинствата е огромен проблем. Често се случува во куќа од 400 квадратни метри да се грее само една соба, иако финансиите не се проблем, вели Чоловиќ Лешоска.

„Многу често не е прашање на избор за овие семејства, немоќта да си го стоплат или оладат домот е проблем за голем број семејства во Македонија, и тоа за луѓе кои живеат во еден „меур“ и го немаат тој проблем е невидливо и непостоечко, но во суштина тоа е проблем и голем дел од популацијата се соочува со тоа“, истакна таа.

Планот за чист воздух, пак, ќе се концентрира на изворите на загадувањето, креирање на јавна свест, промени во законите и креирање платформа за координација и следење на програмата. Целта, како што нагласи заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, ќе биде што повеќе корисници да не загадуваат.

Според него, на загадувањето не треба да се гледа само како еколошки проблем, туку и како економски. Па така, деведесет отсто од предвидениот буџет ќе биде наменет за замена на неефикасните печки во домаќинствата со пониски приходи и подобрување на енергетската ефикасност во јавните установи. Додека по четири отсто од буџетот ќе одат на јавни кампањи и прочистувачи во места каде нема да може веднаш да се инвестира.

„Првите две активности во јануари е поврзување на студентскиот дом ‘Кузман Јосифовски Питу’ на централно греење каде има 490 студенти кои во зимскиот период се греат на мазут, за што се трошат 220 тони годишно, или повеќе од 7 милиони денари“, рече Макрадули.

Најави и соработка со Шумарскиот факултет, така што ќе се засадат дрвја во една градинка и едно основно училиште кои се наоѓаат во близина на сообраќај, во секоја скопска општина. Садниците ќе бидат од кампусот на факултетот и автохтони видови.

Зачестени контроли и казни за индустриските загадувачи

Тоа што недостасува во Планот за чист воздух е малата индустрија, смета Антонио Јовановски, Гоу Грин кој имаше своја презентација на дискусијата.

„Таа на некој начин е невидлива, а е носител на македонската економија. Тие се најголем работодавач. Кога поминуваме кај Момин Поток, или Усје, многу пекари, кафеани, ресторани, механичарски работилниц, се греат, горат и работат на одредени реагенси. Гледаме оџаци насекаде. Така што верувам дека е значајна“, смета тој.

Предлага поддршка на овие претпријатија да можат да воведат свои еколошки практики, или да го сменат начинот на работа. За тоа да се погрижат Градот и општините кои ги даваат дозволите, нагласи тој.

На ова се надоврза и Аријанит Џафери од тетовската еколошка организација Еко герила, според кој постојат голем број на фирми за производство на мебел во полошкиот регион, кои во зима користат разни материјали за греење.

Забележа дека по затворањето на Југохром е забележано намалување на загадувањето, но како што вели бројките се далеку од стандардите.

Од апликацијата „Мој воздух“, пак, ќе бидат задолжени за реализирање на платформата која ќе го следи прогресот на Планот за чист воздух.

Претставниците на Град Скопје и Државниот инспекторат за животна средина велат дека инспекциските контроли.

„Се работи за отприлика 220 мандатни казни и налози на извршители кои се дадени од комуналните редари и инспекторите на Град Скопје“, информира Никола Наумовски, шеф на кабинет на Град Скопје.

Според него, казните и опомените се двојно зголемени во последната година. Дел од нив се под надлежност на основните судови, а дел ќе ги разгледуваат комисиите на Министерството за животна средина.

Најголем проблем за Државниот инспекторат за животна средина е немањето доволно луѓе. Според Дарко Блинков, засега ангажирани се само 21 лице. Најави зголемување на бројот на инспектори годинава и поголема транспарентност во работата.

Повеќе пари за поголема јавна свест

Според анкета на „Еко свест“, повеќе од половина од граѓаните во државата се спремни да направат промени во навиките и начинот на греење, да постават соларен панел, но доколку за тоа добијат некаков вид на поддршка.

„Огромен дел од нив се исто спремни да излезат на терен и да се приклучат во акции во нивните локални средини. Свеста полека расте“, вели Чоловиќ Лешоска.

Заменик-министерот најави грантови за невладините организации според успешноста на нивните проекти, односно ќе има награди за оние организации кои ќе успеат повеќе домаќинства да доближат до еколошки начини на греење.

Е.П.