Планот за чист воздух догодина ќе го стигне студентскиот „Кузман Јосифовски Питу“

Наместо на гас, како што беше најавено, и оваа година парното во Студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“ ќе се грее на екстра лесно гориво. Гасификацијата на „Кузман“ која влезе и во Планот за чист воздух, останува само на ниво на проект, за кој допрва се чека ревизија и објавување тендер за изведба.

Смената на системот во домот влезе во Планот за чист воздух претставен лани, по острите реакции на јавноста поради испуштањето црн чад од домот, сместен во центарот на Скопје. Дури во јули годинава, Владата донесе одлука за одобрување средства од Буџетот од 9 милиони денари (околу 150 000 евра) за замена на системот за греење.  Но досега е изготвен само проектот за изведба од страна на БЕГ.

Како што објаснува директорот на ДСД Скопје, Дарио Николовски, доцнат поради административни процедури. Проблемот, вели, настанал бидејќи БЕГ изготвил проект, но се повлекол од неговата изведба. Затоа, вели, мора прво да се прави негова ревизија, по што ќе следи распишување тендер за избор на фирмата што ќе го инсталира новиот систем.

„Ние на тие проекти мора да направиме ревизија, да видиме кој ќе ги изведе тие проекти за да можат да го пуштат гасот, треба да се направи топлотна потстаница, треба да се направи линиска инфраструктура која ќе ги поврзе деловите  во домот и да се обезбеди санитарна топла вода. Досега кујна се грееше на мазут, сега треба на струја. Треба да се избере и надзор, ова е голем проект, 9 милиони денари не може така да го добие некој, и да го спроведе, а да нема никаква одговорност“, вели Николовски.

Прво, појаснува Николов, од БЕГ се повлекле од изведбата, а неговите напори процесот понатаму да тече по итна постапката биле одбиени од Бирото за јавни набавки. Со оглед на стандардните тендерски процедури, новиот систем на гас би бил готов најрано во јануари.

„Додека се работи на префрлање и инфраструктурни работи, парното ќе работи на екстра лесно гориво. Поднесовме барање Влада да ни го отстапи, бидејќи ние го изоставивме од Планот за јавни набавки бидејќи очекувавме да сме веќе префрлени, ако процедурите не се одолговлекоа“, додава Николовски.

Ќе има ли еко-греење во студентскиот „Кузман Јосифовски Питу“?

Што се случува со еко –греењето во студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“. Видете во видеото на Радио МОФ! / Çfarë ndodh me eko ngrohjen në konviktin studentor " Kuzman Josifovski Pitu". Shihni në videon e Radio MOF!*Видеото е дел од проектот: „Студентски домови без корупција. Проектот е финансиран од Фондација Отворено општество – Македонија. Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот, и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество -Македонија.

Posted by Радио МОФ on Tuesday, 30 July 2019

И од иницијативата О2 реагираа за доцнењето на гасификацијата во овој студентски дом, а алармираат дека  место на гас, на мазут и годинава ќе останесе греат болницата Мајка Тереза – гинекологија во Чаир, како и општите  болници во Струмица и Куманово.

Ј.Ј.