Планинарите до битолската градоначалничка: Ќе спиете ли мирно ако се случи несакан настан на необележан пешачки премин?

Револтирани од вчерашните обвинувања на градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, планинарите кои пред два дена ги обоија избледените пешачки премини пред училиштата упатија отворено писмо. Тие реагираат откако Петровска ја оцени нивната акција како „ситен популизам“ и напомена дека „тоа не смее да се поврзува со негрижа на локалната самоуправа“.

Во продолжение, Радио МОФ интегрално го пренесува отвореното писмо на планинарите:

„По вашите последни изјави не можеме да ве разбереме и најдобронамерно препорачуваме да излезете од чаурата во која сте, за ваше, наше, но пред се’, за доброто на граѓаните на Битола. Не е проблемот до неовластеното обележување на хоризонталната сигнализација, туку до ОВЛАСТЕНОТО НЕОБЕЛЕЖУВАЊЕ НА ХОРИЗОНТАЛНАТА СИГНАЛИЗАЦИЈА.

На кого му се заканувате со записници на сообраќаен инспектор? На тие што ве избраа? Сообраќајниот инспектор треба да направи записник и вам да ви нареди под итно да ги обележите необележените пешачки премини. Па, не знаете со тоа соопштение колку личите на оние против кои демократската јавност и „Шарената Револуција“ се бореше.

Граѓаните на Битола ја препознаа благородноста на нашата акција, акција насочена кон зголемување на безбедноста на нашите деца. Доколку се случи несакан настан на необележан пешачки премин, ќе можете ли мирно да спиете? Вие боја можете да барате по спецификации на НАСА, но едно мора да разберете, животот не запира, градот живее (се уште) и доколку институциите не преземаат мерки од нивна надлежност, граѓаните имаат право да ги преземат. На кого му наштетивме е основното прашање. Внесувате политика во вашата комуникација со нас. Политикантски е да се полемизира на тој начин со квалификации и полувистини за една во основа позитивна активност.

За „Копанки“, резимирајте што предложивте: 1. да ја пренесеме сопственоста на општината и 2. КЈП „Нискоградба“ да го управувала домот. И упорно се држите до тоа дека НЕМА ЗАКОНСКА МОЖНОСТ, бла бла.. Не слушате наши аргументи, ви објаснивме дека ЗАКОНСКА МОЖНОСТ ПОСТОИ! (чл.22 и чл.24, ст.2 од Законот за локална самоуправа), понудивме 10.000 ноќевања за наши деца кои на Копанки ќе одржуваат настава во природа, ќе дишат чист воздух, ќе ја засакаат планината…Ништо од се тоа не прифативте.

Лично го споменувате Претседателот на ПСК „Пелистер“, човек со интегритет, кој се одважи да се бори за правда и му се спротивстави на вашиот претходник, кој на сличен начин како и вие сакаше барем во прво време планинарскиот дом „Копанки“ да биде сопственост на општината, а потоа… Споменувате години, да, во 2015 се изврши легализација, во 2016 имавме средба со вас и со носителот на изборната листа од вашата партија на која беше договорено да се помогне после изборите.

Во 2017 чекавме помош, а во 2018 година се одлучивме да започнеме сами. Клучен момент за таквата наша одлука, а кој не го споменувате, е вашето одбивање да ставите потпис на изготвената апликација за грант од УНДП во висина од 100.000 долари. Апликацијата беше одлично оценета од УНДП, но не го добивме грантот од причини што немавме партнер во локалната самоуправа(по вашето одбивање), партнер кој немаше никакви обврски. Таа е вистината, колку и да е болна. Споменувате јавен интерес бил планинарскиот дом, па кој го спори тоа? Не само јавен интерес, туку и јавно место, термин дефиниран со закон, ама треба да се чита, да се имаат вистински советници.

Планинарскиот дом „Копанки“ ќе се обнови и без ваша помош, само ве молиме, не не спречувајте, не одржувајте колегиуми за тоа како да се спречи изградбата на домот. Повикајте не лично, не преку посредници. Ќе разговараме, ќе се убедуваме, ќе се обидиме да го надминиме измислениот проблем, ама и да градиме, а за тоа ни е потребна жичарата.

„Копанки за сите, сите за Копанки“, се вели во отвореното писмо.