Писмо до премиерот за раскинување на концесиите за мали хидроелектрични централи на Шар Планина и укинување на субвенциите

Здруженијата Еко свест и Македонското еколошко друштво до премиерот Зоран Заев испратија барање за раскинување на концесиите за мали хидроелектрични централи на Шар Планина и барање за укинување на субвенциите за повластени производители на електрична енергија од мали хидроелектрични централи.

Писмото го пренесуваме интегрално:

„Почитуван г-дин Заев,

Како што сте веќе запознаени, малите хидроцентрали придонесуваат во националниот енергетски систем со околу 4,6% од вкупното производство на електрична енергија, и се годишно субвенционирани со над 13 милиони евра – средства кои директно се наплаќаат од сметките за електрична енергија на граѓаните.

Штетите од овие мали хидроцентрали се познати и кај нас, но и во соседните држави. Поради зафатите на речните корита, честопати реките и крајречната вегетација и живеалишта, како и сиот див свет во нив претрпуваат огромни штети и се под постојан ризик од изумирање. Дополнително, изградбата на мали хидроцентрали и нивните пристапни патишта создаваат појави на ерозија и лизгање на земјиштето што прави неповратна штета на уникатните релјефни структури во клисурите, а претставува и голем ризик во време на обилни дождови и поплави. Дополнително, со изградбата на пристапни патишта до најскриените делови од планините и шумите, се овозможува криволов, дива сеча, вознемирување на дивиот свет и изградба на цврсти објекти во подрачја што одамна се планирани за заштита. Ова е од особен проблем во случајот со нашите заштитени подрачја.

Во тек е прогласувањето на дел од Шар Планина за заштитено подрачје во категоријата национален парк. За жал, ова заштитено подрачје е под закана од постојните и идните планирани проекти за мали хидроелектрани. Согласно Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN), заштитените подрачја од втора категорија- национален парк, не се место за градба на инфраструктурни проекти, како хидроцентрали.

Издадените концесии за изградба на малите хидроелектрани претставуваат проблем во процесот на прогласување. Направената штета на екосистемите од малите хидроелектрани што се изградени или во изградба е очигледна12 и веќе се рефлектира во предложеното зонирање на идниот национален парк каде што се присутни заштитни појаси околу нив и пресекување на зоните што би требало да имаат високи природни вредности. Со продолжување на изградбата и на функционирањето на овие проекти, заштитеното подрачје ќе биде под постојан притисок и штета, бидејќи самите проекти се во спротивност со целите на заштита и управување на паркот.

Прогласувањето на Шар Планина за национален парк го сметаме за еден од најважните приоритети во насока на зачувување на исклучително богатата природа на земјата и даваме целосна поддршка на овој процес и неговото што побрзо финализирање. За таа цел, Владата треба да ги прекине сите постапки за доделување концесии за мали хидроелектрани и да ги раскине договорите за доделени концесии за мали хидроелектрани чија изградба сè уште не е започната на територијата на Шар Планина.

Всушност и во самата Студија за валоризација на вредностите на Шар Планина експертите препорачуваат да се поништат Договорите за концесија за малите хидроелектрани Беловишка реф. бр. 107, Вратничка реф. бр. 66, Љуботенска реф. бр. 67 и Пена реф. бр. 82. Истата оваа препорака е преземена и во Извештајот за проценка на влијанието на овој пропис врз животната средина подготвен од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Исто така, Студија за валоризација на вредностите на Шар Планина препорачува да се прекине постапката и да не се склучат договори за концесија за Лешочка реф. бр. 100, Лешочка реф. бр 101, Боговињска, Јеловјанска и Маздрача кои беа дел од јавниот повик за доделување концесии од 3 јануари 2019 година и за кои има Одлука од Владата за избран најповолен понудувач.

Со итно раскинување на четирите доделени концесии, како и со прекинување на постапката за петте концесии од минатогодишниот тендер, Владата ќе демонстрира посветеност на процесот за заштита на Шар Планина и ќе отвори простор тој да се забрза. Причината зошто во нашата земја се бележи пораст на изградени мали хидроцентрали е нивното субвенционирање од страна на државата. Доколку овие проекти не беа финансиски поддржани, ќе се изградеа само оние најпрофитабилните, во број значително помал од сегашниот. Минатата година, над 13 милиони евра се доделени на повластени производители на електрична енергија од мали хидроелектрани, а сончевата енергија била субвенционирана со три пати помала сума.

Не смееме да заборавиме дека водата се користи по одредена хиерархија- прво како вода за пиење, наводнување и хигиена, а дури потоа како извор на енергија и други намени. Бележиме и примери каде поради изградбата на мали хидроелектрани секнува водата за пиење и наводнување на населението кое живее во нивна близина. Така, дел од селата под Шар Планина, како Теарце, Доброште и други, се принудени да користат флаширана вода за пиење заради намалениот квалитет на водата за пиење по изградбата на малите хидроелектрани. Имено, и Државниот инспекторат за животна средина неодамна при увид на градежните работи на МХЕЦ Лешница откри дека каптажата за водоснабдување на градот Тетово е целосно незаштитена и дека присуството на градежна механизација може да ја загади водата за пиење во градот и околината. Сметаме дека оваа пракса не смее да продолжи.

Последниот извештај на Секретаријатот на Енергетската заедница во врска со Националниот план
за клима и енергија (NECP) на Македонија препорачува: „Секретаријатот препорачува во Националниот план за енергија и клима (NECP) детално да се образложат шеми за поддршка за искористување на обновливи извори на енергија, особено во врска со малите хидроелектрани, и да обезбеди дека субвенциите не фаворизираат специфичен извор на обновлива енергија кои немаат потреба од поддршка или имаат
несразмерно големо еколошко влијание.“

Затоа што бројот на издадени концесии за мали хидроелектрани во нашата земја веќе надминува 130, со што се опфатени една третина од нашите реки, сметаме дека оваа технологија е доволно присутна на пазарот и поради тоа не и е потребна финансиска стимулација за понатамошен развој.

Согласно изнесеното, бараме Владата на Република Северна Македонија да ги прекине сите постапки за доделување концесии за мали хидроелектрични централи, да ги раскине договорите за доделени концесии за мали хидроелектрични централи чија изградба сè уште не е започната на територијата на Шар Планина, да се вложи кон побрзо финализирање на процесот за прогласување на Шар Планина за национален парк, и да ги укине субвенциите за електрична енергија произведена од мали хидроелектрични централи.“