По 28 години, „Пинк Флојд“ со нова песна за Украина

Бендот „Пинк Флојд“ се обедини за да го сними првиот нов материјал по 28 години, протестна песна против украинската војна, пренесува „Би-би-си“. „Hey Hey, Rise Up!“, ја изведуваат Дејвид Гилмур и Ник Мејсон, заедно со басистот Гај Прат и Нитин Сони на клавијатури.

Но, музиката е изведена околу вокалната изведба на украинскиот пејач Андриј Хливнјук од бендот „Бумбокс“.

Гилмор изјавил дека песната преставува гнев кон суперсилата која изврши инвазија врз мирољубива нација, а истовремено треба да преставува и поддршка за луѓето во Украина, повикувајќи на мир.

Поготовките за песната започнале пред неколку недели кога Гилмур видел Инстаграм објави од Хливнјук. Хливнјук објавил снимка од себеси како пее на плоштадот Софискаја во Киев, наоружан и подготвен да се бори против руската војска.

Гледајќи во камерата Хливнјук ја пеел песната „Црвена калинка на ливадата“, бунтовничка песна која се пеела за време на Првата светска војна, а станала неофицијална химна на отпорот во Украина.

„Изведбата ме наежи и сфатив дека ова може да испадне одлична песна“, изјавил Гилмур.

Интересно е што во 2015 година Гилмур настапил со бендот „Бумбокс“ на лондонска хуманитарна свирка, па тој решил да го контактира Хливнјук и да побара дозвола неговата „а капела“ изведба да ја искористат во нова песна.

„Зборував со него од неговиот болнички кревет, тој имал мала повреда, бил на самиот фронт. Преку телефон му исвирев дел од музиката и ја добивме неговата дозвола“, додал Гилмур.

Песната „Hey Hey, Rise Up!“ беше објавена на полноќ, а сите средства ќе бидат донирани во хуманитарни цели.

Зборувајќи за неговото гледиште за руската инвазија, Гилмур изјавил дека е бесен поради беспомошноста на Западот, а нагласил дека ги поддржува санкциите против Русија.

„Срамота е што луѓето кои страдаат највеќе од санкциите се обичните луѓе од Русија, но тоа е начинот на кој функционираат санкциите“, објаснил тој, додавајќи дека е фрустриран од бирократијата со која се соочуваат украинските бегалци кои сакаат да дојдат во Велика Британија.

„Цела Европа вели ‘добредојдовте‘, а нашите власти велат ‘треба да седнете пред компјутер и да пополнувате формулари’. Мислам дека прво треба да биде отворањето на границите, а потоа бирократијата. Но властите не се сложуваат со мене“, заклучил тој.