Пикник, диџеи и уметнички инсталации во Градски парк за последниот ден од летото

Трета година по ред, во Градскиот парк во Скопје, на езерцето спроти „Централ парк“, ќе се одржи „Telekom Electronik Beats“, целодневен пикник исполнет со добра музика, уметност, храна и филм.

Настанот кој го имаше своето деби во 2017 година, годинава ќе се одржи на 21 ви септември, сабота и ќе понуди богата музичка програма која ќе трае од 11:00 часот претпладне па се до раните утрински часови.

Францускиот артист Llorca (Art of Music) ќе има свој сет на зајдисонце, со почеток во 18:00 часот, а веднаш по него музичката програма ќе биде збогатена и со сет на американскиот диџеј Jus-Ed. Покрај овие двајца изведувачи, програмата е исполнета и со голем број на локални изведувачи, меѓу кои и: Алек Солтиров, Роботек, Mileskaya, Скопски Грув Dj’s, Чваре и многу други.

Покрај големиот број на диџеј сетови, со свои уметнички дизајни, инсталации и промоции ќе се претстават и десетина артисти. Со свои рачни изработки ќе се претстават Ammar Kachar, Harteeya, Panooramixx и Embroidery Monday, дизајнерска облека ќе изложат креативците од [0.10] error of harmony, додека АмстерДама и Underground Shop ќе донесат винтиџ облека.

Како дел од програмата е предвидена и уметничка инсталација на ликовниот уметник Александар Зафировски, наречена „Connecting“, која ќе биде реализирана на самото езерце.

Целодневната програма ќе биде заокружена со гледање на музички документарни филмови на „Electronic Beats“. Секако, настанот не би бил вистински пикник ако нема вкусна храна за која ќе се погрижат кујните на Cosy Bar, BKW, Fat Kitchen како и Fat Cacko кои ќе работат во текот на целиот ден.