Бројот на млади адолесценти кои конзумираат алкохол расте, а се намалува намалува и границата на возрастa кога за првпат се зема чашката во рака. Надлежните алармираат дека сè почесто на Клиниката за токсикологија завршуваат и деца кои за полесно да се вклопат во друштвото или да бидат популарни меѓу пријателите младите, првата чашка алкохол ја пробуваат во основно училиште, анализира Фактор.
Ако пред десетина години,за време на викендите, на забави или разни славења биле регистрирани сè повеќе момчиња под дејство на алкохол, кои поради неискуство и незнаење експериментирале со алкохолот и завршиле на медицински третман, денес, вели директорот на Клиниката за токсикологија Андон Чибишев, под дејство на алкохол се примаат пациенти и под 14 години.
„ Порано најчесто момчињата беа примани како итни случаи на Токсикологија, поради преголема доза на алкохол во крвта, но ако тој процент пред десетина години беше 90-10 момчиња/девојчиња, денеска имаме драстични промени.Па така, денешната слика покажува дека 60% од малолетните пациенти се момчиња,а 40 % девојчиња, што укажува дека имаме промена во конзумирањето на алкохолни пијалоци кај женската популација. Ние на Клиниката за токсикологија, згрижуваме пациенти кои не се постари од 14 години, но имаме третирано и деца од 11 годишна возраст кои биле под дејство на алкохол и биле згрижени кај нас “ вели Чибишев.
Според Павлина Васкова, раководител на одделението за зависности во психијатриската болница Бардовци кај младата популација е тешко да се зборува за директна зависност од алкохол бидејќи е потребен подолг период за истата да се создаде. Недостасуваат поригорозни мерки кои би го намалиле бројот на постојани конзументи на алкохол, смета таа.
„Денеска кај нас, имаме пораст на жени под дејство на алкохол, на различна возраст. Се почесто имаме и случаи на млади интелектуалки на високи позиции кај кои се развива депресијата од товарот на модерното живеење. Лечењето на алкохолизмот како болест трае интензивно од 2 до 3 месеци и најмалку 1 до 3 години, кога продолжува психо-социо тераписката програма, преку клубови на лекувани алкохоличари, во кои работат стручни лица(психолози, социјални работници) кои помагаат во рехабилитација како полесно да се поминат овие промени. Јас мислам, акцизата од продажбата на алкохол треба да оди покрај во здравствени фондови и во превентивни програми кои ќе им помогнат на зависниците од алкохол да го надминат здравствениот и социјалниот проблем, бидејќи кај нас не се одржува континуитет во лечењето,”вели Васкова за Фактор.