Во сабота (11 август) со почеток во 22 часот на плажата „Оревче“ во Охрид ќе се одржи нов „ПичПрич“ – шест женски приказни на тема „Длабоко во ноќта“, директно од устите на шест истакнати личности од културно-уметничко-политичкиот живот во Македонија.
Организаторите на настанот ПичПрич и ЛГБТ Центарот за поддршка ја најавуваат Илина Арсова – ликовна уметница, првата жена на Монт Еверест од Македонија, качувачка, активистка за животна средина, кралицата на Лагадин, жена што „буквално и метафорично оди нагоре, нагоре“.
Своја приказна ќе има Долорес Атанасова – Лори, која е поетеса и професорка по англиски јазик, Охриѓанка, жена со прониклив, бистар ум – и јазик. Исто така, најавена е Лука Положани, докторантка и истражувачка на универзитетите во Грац и Приштина.
„Таа ги истражува социјалните движења, граѓанството, активизмот и начинот на кој маргинализираните групи може да го освојат своето граѓанство преку својот глас“, велат организаторите.
Ирена Цветковиќ е уште една од раскажувачките на „ПичПрич“ Оревче.
„Ирена е еден од најмоќните и најхрабрите гласови кои ги застапуваат правата на маргинализираните заедници. Таа е истражувачка, докторка по родови студии, извршна директорка на Коалиција Маргини, духовита и човечна, и инспирација за сите нас“, соопштуваат организаторите.
Од таму посебно се возбудени што ќе настапува и Верица Недеска, која ја карактеризираат како една од најдобрите македонски глумици, но покрај тоа е и сценаристка, режисерка и пеачка. Последниот раскажувач е Кочо Андоновски, борец за човекови права, нудист.
По приказните до длабоко во ноќта присутните ќе ги забавува Зоки Бејбе. Влезот е слободен.
Настанот е поддржан од „The Kvinna till Kvinna Foundation“.