Петтооделенци наместо за ужина ги донирале парите на самохран татко

На повикот за помош на семејството на Стојче Ѓеорѓиевски, невработен самохран татко на две деца на возраст од две и четири години, се јавиле на помош дечиња од петто одделение, пишува порталот за Кратово и Осоговскиот регион, „Аберџија“.

Според порталот, петтодделенците од основното училиште „Илинден“ од Крива Паланка ја донирале ужината на самохран татко со две деца и одлучиле минатиот петок ужина да си понесат од дома, а парите што ги добиле од родителите да ги донираат на семејството во социјален ризик.

„За маките на семејството Ѓеорѓиевски слушнавме на локалната телевизија, па во договор со нашите наставници одлучивме парите што ги трошиме за една ужина да ги пренасочиме за загрозеното семејство. Нашиот пример сметаме дека ќе поттикне многу луѓе да сторат слични дела“, велат петтодделенците од ОУ „Илинден“, нагласувајќи дека ова не е нивна прва хуманитарна акција, пренесе локалниот портал.