„Петрунија“ победи на Филмскиот фестивал во Херцег Нови

„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ ја доби главната награда „Златна Мимоза“ на Филмскиот фестивал во Херцег Нови во Црна Гора.

Петтчленото жири , составено од Дуња Клеменц, продуцент од Словенија, Винко Брешан, режисер од Хрватска, нашиот најистакнат актер Никола Ристановски, Јелена Мишељиќ, продуцент од Црна Гора и режисерот Никола Ључа доделувајќи ја наградата во своето образложение рекоа: „За политичко провокативната модерна бајка, која одекнува, боли и засмејува.

Филмот беше преставен во Црна Гора од трите актери Стефан Вујисиќ, Суад Беговски – Суки и Илија Волчески. Наградата ја прими Стефан Вујисиќ од режисерката Марија Петровиќ, претседателката на одборот на Фестивалот.

Ова беше десетта награда во низа за филмот на режисерката Теона Стругар Митевска, а во текот на август „Петрунија“ ќе биде прикажана на седум фестивали, затворајќи го месецот со проекција на 31 август на големиот Венецијански филмски фестивал во селекцијата Денови на Авторите, каде филмот е дел од трите финалисти за престижната награда „Лукс“.