„#Петок за млади“ – Час со професорот Ангелков кој ќе ја претстави својата интерактивна работна табла

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) денеска, во рамки на иницијативата „#Петок за млади @ФИТР“ е домаќин на Димитрија Ангелков, професор од средното стручно училиште „Киро Спанџов“ од Кавадарци, иноватор и основач на „Интерактивна Иднина“, кој пред деветтоодделенците од основното училиште „Петар Поп Арсов“ и средношколците од гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“ ќе го претстави сопствениот изум – интерактивна работна табла.

Овој проект оваа година е поддржан од Фондот со грант во висина од 26 илјади евра, во рамките на четвртиот јавен повик за стартап компании и комерцијализација кој ФИТР го спроведе во соработка со Светска банка.

Интерактивната табла е посебно осмислен уред со специфичен софтвер кој овозможува интерактивна работа за време на наставата. Употребата на овој уред овозможува учениците и професорите да бидат подеднакво активно вклучени во изучувањето на самата материја. Предноста на овој изум се состои во палетата можности што софтверот ги нуди, од интерактивни игри со педагошка цел до директно интервенирање на самата табла, моментално печатење на сработеното и слично.

По работилницата, која ќе претставува еден вид симулација на училишен час, учениците, преку заемна интеракција ќе треба да одговорат и изнајдат решение на зададена задача.

Настанот е со почеток од 12 часот, во просториите на Фондот за иновации и технолошки развој (ГТЦ, 1 кат, спроти Жена парк). Организаторите најавуваат дека предавањето е од отворен тип и дека сите заинтересирани се добредојдени.

Целта на иницијативата „#Петок за млади @ФИТР“ е да се поттикне размената на практични искуства меѓу учениците во насока на изнаоѓање иновативни решенија и креирање сопствени проекти надвор од училишните рамки преку интеракција и активно учење.