„Петардите не се играчка“ – Средношколци се вклучија во показна вежба за последиците од пиротехниката

Учениците од средното музичко училиште ,,Илија Николовски Луј” и учениците од Средното училиште за ликовна уметност ,,Лазар Личеновски” преку показна вежба во центарот на Скопје денеска ги претставија ризиците од употреба на пиротехника.

„Петардите не се играчка“ гласи пораката што ја упатија заедно со организаторите СВР Скопје-Одделение за превенција и Црвениот крст на град Скопје.

Вежбата е дел од кампањата на Министерството за внатрешни работи која има за цел на граѓаните да им укаже за можните последици од употребата на петарди и други пиротехнички средства, посебно актуелна пред и за време на новогодишните и божиќните празници.

Оттаму потсетуваат дека употребата на пиротехнички средства се казнува и дека нивната продажба е нелегална.

„Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во член 31 предвидува глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност за оној кој неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал, или на сличен начин го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните“, истакна денеска Тони Ангеловски, портпарол на МВР.