Песни, знамиња и говори пред Собранието – нов протест против Договорот за името

Извици, знамиња, транспаренти, песни и низа говори го одбележаа вечерашниот мирен протест пред Собранието против Договорот со Грција за името.

Собирот беше инициран од движењето „Млади за Македонија“, а на граѓаните пред законодавниот дом се приклучија претставници од разни иницијативи, организации и навивачката група „Комити“.

Преку видео-бимот беа упатувани снимени пораки од разни личности.

Присутните побараа да не се менува Уставот, уставното име на Република Македонија и да не се спроведува референдум. Исто така, го повикаа претседателот Ѓорѓе Иванов да не го потпишува законот за ратификација на Договорот меѓу Македонија и Грција.

Околу законодавниот дом имаше големо полициско обезбедување.

Од „Млади за Македонија“ уште пред собирот апелираа да не се носат фантомки и сите оние кои ќе бидат забележани со фантомки да бидат предадени на полицијата.

„Полицајците се наши браќа кои го даваат животот за нашата татковина Македонија. По никоја цена не смее да се дозволи напади на полицијата, а ние се оградуваме од секаков вид на насилство. Ве повикува сите вие да се воздржете од насилство и да превенирате насилство. Ние се оградуваме од секој вид на насилство, говор на омраза или недолично однесување“, рекоа од „Млади за Македонија“.