Перформанс „Made for Happiness“ на Ива Свештарова и Вили Прагер во „Кино Култура“

„Локомотива – Скопје“ на 19 октомври (сабота) од 20 часот во „Кино Култура“ го организира перформансот „Made for Happiness” на Ива Свештарова и Вили Прагер.

Перформансот е во рамки на програмата „Уметност Политика Институција Тело“. Се работи за коментар за односот кон среќата, поттикната од современата култура.

„За создавањето на нивниот перформанс ‘happy show’, авторите Ива Свештарова и Вили Прагер изучуваат различни прирачници, тестови и веб- страници за мерење на среќата, документарци и научни трудови. Сето ова  ги натераа да разберат дека покрај емотивната состојба, и среќата станува продукт со многу јасна формула и слика. Значи, таа може да биде прашање на конкретни практики. Уметниците се соочуваат со предизвикот да произведат среќа на сцената. За таа цел тие се опремени со стресни топки, шампањ и други пријатни стимули…“, соопштува „Локомотива“.

Перформансот „Made for Happiness“ е добитник на националната награда IKAR – Национална театарска награда 2019 во категоријата Современ танц и перфроманс.

Освен идејата, реализацијата и изведбата на Свештарова и Прагер, како драматург е запишана Ивана Ивковиќ од Хрватска, музиката е на Емилиан Гатсов – Елби, светлото на Ралитса Тонева, графички дизајн и костим Георги Флоров, додека комуникација – Ина Дублекова и Кремена Христова.

Инаку, Вили Прагер е танцов изведувач, уметник и уметнички менаџер базиран во Бугарија. Делата на Прагер се прикажани на едни од најзначајните фестивали во Бугарија, Германија, Австрија, Франција, Холандија, Ирска, Чешка, Белгија, Словенија, Хрватска, Србија, Романија, Македонија, Грција и Египет.

Ива Свештарова е уметник и изведувач од Софија. Таа е ко-основач на Номад танц академија – Балканската мрежа за современ танц и на Антистатик фестивалот за современ танц и перформанс во Софија.

Перформансот е во продукција на „Brain Store Project и DNK – space for contemporary dance and performance“.

Перформансот е поддржана од Град Скопје и Општина Центар. Продукцијата е поддржана и од Културната програма на Опшина Софија за 2018 и Министерството за култура на Бугарија и се реализира во партнерство со Националната Палата за Култура и во соработка со Гете- Институт Бугарија.

Влезот за перформансот е слободен.