Павле Беловски избран за претседател на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници

Павле Беловски беше избран за в.д. претседател на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) на Собранието кое се одржа во саботата.

На Собранието кое за првпат се одржа онлајн Беловски едногласно беше избран за претседател на ССНМ каде го наследува Ѕвездан Георгиевски кој ја водеше организацијата во изминатите две и пол години.

„На Собранието беше донесена и одлука за проширување на Извршниот одбор (ИО) од досегашните 9 членови на 13, пред се со синдикалните претставници од медиумите кои имаат формирано синдикални групи. Покрај Маја Јовановска, Павле Беловски, Тамара Грнчароска, Роберт Атанасовски и Теофил Блажевски кои учествуваа во работата на ИО и во изминатиот период, дел од Извршниот одбор на ССНМ во наредниот ќе бидат и Сунаи Сабриоски, Зоран Маџоски, Марина Илиевска, Тамара Чаусидис, Теодора Цветковска, Жарко Јорданоски, Перо Момировски и Игор Стефановски“, соопштуваат од ССНМ.

Од таму информираат дека на Собранието беа разгледани и активностите на ССНМ во минатата година, од кои беа издвоени потпишувањето на Колективниот договор со МИА, низа јавни дебати и работилници, издавање на публикацијата „Новинарството како јавно добро“ и други тековни активности поврзани со работничките права на новинарите и медиумските работници.

„Усвоен беше и приложениот финансиски извештај за работата на ССНМ за 2020 година, а беше усвоена и измена на Деловникот за работа на Собранието што се однесува за користење на електронска платформа за одржување на седници“, велат од ССНМ.