Патување низ меридијаните и културите со Лав енд Ревенџ и Ромперајо на петтата вечер на ОФФест

На петтата, претпоследна вечер од ОФФест, МКЦ беше дом на нови, експериментални, фолклорни звуци од различни краеви на светот.

Од Блискиот исток, од Либан, се претстави техно-фјужн видео арт проектот Love and Revenge. Спој од електронски звуци, ориентален уд и исечоци од култни арапски филмови од 40-тите и 50-тите години на минатиот век, Love and Revenge е „музичка рефлексија на нивниот културен идентитет со цел да им дадат втор живот на старите арапски популарни песни и филмови“.

Бендот понуди една сосема поразлична музика и атмосфера во споредба со останатите концерти на фестивалот, на тој начин што е спој на традиционална арапска музика, но „спакувана“ во модерен музички производ. И љубителите на светска музика и верната публика на фестивалот, но и класичните „клабери“ имаа можност да уживаат во специфичното аудио-визуелно искуство.

 

View this post on Instagram

 

Love and revenge at @off_fest #lebanon #band #concert #offest2019 #instavideo #radiomof

A post shared by Radio MOF (@radiomof) on

На крајот од својот сет, Love and Revenge ја поканија публиката на сцена, па Денсинг салата на Младинскиот Културен Центар накратко се претвори во андерграунд клуб, и иако беше само 22 часот, атмосферата беше слична на клуб пред затворање.

На другиот крај на глобусот, илјадници километри на југозапад – во Колумбија, публиката пристигна под водство на Ромперајо. Бендот опишан од организаторите како „брзодвижечко музичко патување низ колумбискиот тропски фолклор, палава и модерна интерпретација на психоделичните звуци на популарната кумбија и другите тропски ритми од 70-тите“, ја разигра скопската публика и сосема соодветно, со првиот жежок бран во градот донесе и атмосфера која се чинеше природна за предели јужно од Екваторот.

 

View this post on Instagram

 

Енергично со Romperayo на @off_fest 😜

A post shared by Radio MOF (@radiomof) on

Понекогаш психоделични, понекогаш хаотични, но постојано брзи и игриви, Ромперајо се фузија од традиционалното и модерното која се чини најпригодна за танцување на некоја тропска плажа, со боси нозе и коктел во раце. Предизвикувајќи движења кај публиката и безгрижност која стереотипно се поврзува со јужноамериканскиот континент, Колумбијците макар на кратко го претворија Скопје во мала песочна плажа.

Вечерва со настапот на Деди Џи од Масив Атак во дискотеката Епицентар се затвора ова издание на ОФФест, кое со еклектичниот репертоар и одличната посетеност, веројатно е меѓу најдобрите на ова културно збиднување.

Стефанија Тенекеџиева