Патувачкото кино на МакеДокс во Вишни, Драслајца и Пустец

Патувачкото кино на МакеДокс во своето десетто издание досега ги одржа проекциите на креативни документарни филмови во Лабуништа, Бучимас, Вишни и Драслајца, додека во Пустец се одржа концерт на музичка група составена од Деан Шкартов (екс-член на групите „Бадминтонс“, „Клержо“, „Александар Македонски“), кант-авторката Ника Солде од Копер и Стив Круниќ (екс-член на „Коцка мраз“).

„Учеството во настани од овој вид, кадешто давате директен придонес во ширењето на маргините на културата во области како Пустец, секогаш е предизвик за уметниците и дава замаец да бидете подобри во тоа што го работите“, нагласува Деан Шкартов по настапот во Пустец.

Два дена претходно, во прекрасното планинско село Вишни, кадешто третата генерација на „Докуникулци“ се приклучи на Патувачкото кино на МакеДокс, беше прикажан документарецот „Со љубов“ (Avec l’амоур, 2017) на Илија Цветковски, додека на 6 јули во селото Драслајца беше прикажан документарниот филм „Анплагд“ (2013) на српскиот автор Младен Ковачевиќ. Проекциите на Патувачкото кино редовно почнуваат со програма на анимирани филмови за деца од Док Лајпциг.

Истовремено се одвиваат сесиите на третата генерација „Докуникулци“, која ја сочинуваат 12 млади од 15 до 18 години од регионот, а кои ги менторираат Петра Селишкар од МакеДокс, Еол Чашку и Аријанит Џонбалај од Академијата за филм и мултимедија „Маруби“ од Тирана. Проектот „Докуникулци“ годинава се реализира како регионална платформа за стекнување знаења и искуства за креативната документаристика.

Паралелно со проекциите, а по повод неговото десетто издание, веќе почна да се снима документарен филм за Патувачкото кино на МакеДокс. Режисер на филмот е Питер Зак од Берлин, кој се занимава со креативна документаристика од 1993 година, продуцент е Јана Цизар, која повеќе од десет години се занимава со продукција на креативни документарни филмови и живее во Берлин, снимател е Бранд Ферро од МакеДокс, а снимател на звукот е Паоло Бенвинути од Италија.

На минатогодишното издание на фестивалот МакеДокс во Куршумли-ан беше одржана работилницата за фотографии создадени со „мокар колодиумски процес“. Оваа техника на правење фотографии одлучивме да ја примениме и во селата во кои патува киното на МакеДокс. Фотографот Сашо Н. Алушевски со својата временска машина фотографира дел од луѓето, селата, езерата, со намера да видиме како денешните луѓе ќе изгледаат на стаклени плочи, односно на колодиумска фотографија како што тоа се правело пред 150 години.

Проекциите на Патувачкото кино во селата Вишни и Драслајца беа збогатени и со документарниот филм „The Way of Clave“, кој произлезе од проектот „Ширење на видици“ (Widening the Lens). „Ширење на видици“ е дел од програмите на Communities Conecting Heritageˢᵐ, кои се финансирани од Владата на САД и управувани од World Learning. Планирано е филмот да има уште една проекција, и тоа на 10 јули во Луково.

Регионалното патешествие на Патувачкото кино по бреговите на двете езера, Охридско и Преспанско, ќе продолжи на 10 јули во Луково и на 11 јули во Лин.