Патувачкото кино на „МакеДокс“ од Пирава и Чалакли продолжува на Д Фестивал

Патувачкото кино на „МакеДокс“ веќе успеа да собере повеќе приказни низ валандовскиот регион. Почетокот на патешествијата на неуморното магаренце натоварено со филмови тргна од селата Пирава и Чалакли.

Жителите на селото Пирава со гордост ја раскажуваат приказната дека на тоа место активно се живее повеќе од два милениуми. Приказната за името на селото пак ја кажуваат како анегдота. Уште во време на Османлиската империја некој турски големец забележал дека на тоа место постојано пирка авата, односно постојано пирка свеж воздух. И оттаму – Пирава. Жителите на селото, кои во денешно време ги има околу 1850, во наследство ги добиле и приказните за турскиот султан Мурат Први, кој оттаму поминал кон Газиместан на историската Косовска битка, неколку археолошки локалитети, како Чарго и Карталово седело, и многу брестови дрвја стари неколку векови.

Во денешно време во Пирава се создаваат приказните за парохиската црква „Св. Ѓорѓи“, училиштето „Гоце Делчев“, русалиската играорна група. За жал, приказната за киното „Хром“ престанала да се надградува пред десетина години. Со надеж дека можеби ќе даде нов импулс за возобновување на киното, Патувачкото кино на „МакеДокс“ во Пирава ги прикажа документарните филмови „Живот во движење“ и „Гангстер те сака“.

Сосема поинакви приказни екипата на Македокс слуша во селото Чалакли, населено главно со турско население, а сместено на падините на планината Беласица. Според Шефкет Селман, најголем дел од денешните староседелци во селото потекнуваат од 4 стари семејства кои со години опстојуваат во тоа место, но има и доселени семејства од околните села.

Во Чалакли сега живеат околу сто семејства кои главно се занимаваат со тутунарство и со правење вар, а горди се на неколкуте мајстори за ѕидање фурни. Во Чалакли „МакеДокс“ прикажа три епизоди од серијалот „Турски чај“ на „Петра Пан филм продукција“.

Во продолжение, со три проекции Патувачкото кино ќе биде дел од креативното здружување на „Д-Фестивал“ во Дојран, од 15 до 17 јули 2016 година, кога ќе бидат прикажани филмовите „Ликвидатор“, „Дае“, Ритам и звук“, „Во потрага по Фела“, „Звукокршач“, „Танцувајќи со Марија“.