Парична награда за стружани кои доброволно ќе го чистат градот

Од јануари 2021, секој месец ќе се бираат стружани кои најдобро ќе се покажат при доброволно чистење на својот град, за што ќе добијат парична награда од 100 евра.

Иницијативата ја соопшти уметницата Лида Шерафатмант на својата Фејсбук страница, која престојува во Струга од 2018 г. како инспративна средина за сликање и креирање. Акцијата ќе се реализира во соработка со различни локални сектори, индивидуални граѓани, невладини, приватни фирми и владини претставници.

„Наградата е со цел да се поттикнат и наградат индивидуи кои се грижат за чистотата на градот, особено јавните простори за кои и работниците на комуналното претпријатие се грижат да бидат чисти“, стои во соопштението.

Наградата изнесува 6100 ден.(100 €) и ќе се доделува на победникот секој месец на 25-ти. после селекција од приложените фотографии од „пред и потоа” чистење на местото.

„Направете фотографии од јавен простор кој е загаден со ѓубре, па направете фотографии откако просторот е исчистен. Пратете ги фотографиите на info@lida.gallery. Aко се вклучени повеќе индивидуи во чистењето, да бидат наведени името и презимето на секој од нив. Ако победи вашата група, наградата ќе биде поделена на сите. Исто така, треба да се остави и контакт телефон“, гласи повикот.

Победникот ќе биде избран според големината на исчистениот простор од добиените фотографии.

Шерафатмант е обожавателка на природата во Северна Македонија и моментално подготвува колекција од уменички дела базирани врз флоралното наследство на територијата на Општина Струга за природно научниот музеј „Незлобински”.