Паѓа интересот на младите за волонтерството

„Дури откако ја добив дипломата и го сфатив нејзиното значење, увидов дека таа не ме прави она што сум туку моето искуство. Затоа и почнав да волонтирам и моето искуство ме донесе тука каде што сум сега“, изјави Мирјана Петрушевска, програмски координатор од младинската организација „Млади инфо“ за време на трибината која ја организираа со цел да ги покажат придобивките кои младите ги добиваат преку волонтирањето.

Паѓа интересот на младите за волонтерството

Според неа, волонтерството отвора нова врата и може да биде отскочна даска за нивното работење. Студиите се карта за да се стигне до интервјуто, но волонтерското искуство е она вистинското кое што ги спрема младите за идното вработување, додава Петрушевска.

На трибина беа презентирани искуствата на организации кои што работаат со волонтери. Исто така беше презентирана и законската регултива и практика за волонтерите во Македонија, обврските и правата на организациите и на волонтерите, практиката и придобивките од волонтеризмот.

За Зоран Илиоски од „Коалиција на младински организации СЕГА“ од Прилеп, треба да се работи на темата волонтерство, невладините организации кои живеат од волонтерството мора да најдат нови механизми, да пристапат до младите луѓе и да најдат начин како тоа да го  направат за да го вратат духот на волонтерството во локалните заедници од една стана, а од друга страна да го подигнат нивото на разбирање кај младите луѓе за волонтерството.

„Од ден на ден се повеќе паѓа интересот на младите луѓе да волонтираат. Основниот мотив може да се најде во нивното моментално размислување и нивните очекувања од волонтерството и волонтерската работа“, истакна тој.

На ова се надоврза и Ненад Матоски, исто така претставник од „Млади инфо“ кој додаде дека е потребно волонтерството да се регулира со закон. Треба да има систем на функционирање на волонтерството без разлика дали е во организација или во било која друга форма на здружување, а не да бидат злоупотребени волонтерите, или да варат кафе или да вршат некои дејности кои не се предвидени во договорот, истакна Матоски.

Учесници на трибината беа претставници од Црвен Крст, Волонтерски центар Скопје (ВЦС) и Коалиција СЕГА.

Емилија Петреска