Падна сајтот на МОН откако беа објавени резултатите за студентските стипендии

Веб-страницата на Министерството за образование и наука (МОН) во овој момент е недостапна, откако претходно беа објавени резултатите за студентските стипендии за академската 2020/2021 година.

Студентите кои се стекнале со правото на користење студентска стипендија потребно е да испечатат и пополнат три примероци од договорот за стипендијата и заедно со копија од лична трансакциска сметка, најдоцна до вторник, 22 декември, да ги достават до МОН, директно во писарницата или по пошта, односно, препорачана пратка со повратница на адреса бул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, 1000 Скопје). Прием на документите ќе се врши и во сабота, на 19 декември.

Добитниците на стипендија кои нема да достават договор во предвидениот рок ќе се смета дека се откажуваат од правото на користење стипендија.

Одбиените кандидат имаат можност за приговор во соодветниот рок, откако на адресата која ја имаат посочено при аплицирањето ќе добијат решение од МОН во кое ќе биде наведена причината поради која апликацијата не е прифатена.

Ресорното министерство претходно, на 15 ноември објави дека започнало аплицирањето за стекнување на правото на студентска стипендија за академската година. Конкурсот беше наменет за студенти запишани на додипломски студии на јавните и приватните високообразовни установи во државава.