Пад на интелигенцијата кај младите, покажува ново истражување

Ново научно истражување покажува благо опаѓање на коефициентот на интелигенција кај младите луѓе во последниве неколку децении.

Падот веројатно почнал со генерацијата родена во 1975 година и покажува промена на трендот, каде во поголемиот дел на 20-тиот век имало постојан раст во интелигенцијата.

Од Втората светска војна просечниот коефициент на интелигенција растел за три проценти секоја декада – феномен познат како „Флин ефект“. Сепак, новата студија на норвешки научници, открива дека коефициентот на интелигенција на мажите денеска е понизок од резултатите на нивните татковци на истата возраст, пренесува The Week.

Истражувањето на Оле Рогеберг и Брент Братсберг, од Центарот за економски истражувања во Осло анализирале огромен број податоци од стандардните тестови за интелигенција направени од повеќе од 730 илјади мажи од Норвешка кои се пријавувале во армијата помеѓу 1970 и 2009 година. Објавената студија покажува дека оние родени во 1991 година имале пет поени помалку од оние родени во 1975 година.

„Ова е најубедлив доказ досега за пресвртница во „Флин ефектот“. Доколку претпоставиме дека моделите се точни, резултатите се импресивни и прилично загрижувачки“, смета Стјуарт Ричи, психолог од Универзитетот во Единбург, кој не бил вклучен во истражувањето.

Причините за пресвртот во „Флин ефектот“ се спорат. Според научниците растот на интелигенцијата бил поради подоброто образование, исхрана, здравство, па дури и вештачкото осветлување. Сепак, можно е и дека природата на интелигенцијата се менува во дигиталната ера и не може да биде регистрирана од традиционалните тестови за интелигенција.