Овации за „Година на мајмунот“ на отворањето на Скопскиот филмски фестивал

Со македонската премиера на „Година на мајмунот“ , во режија на Владимир Блажевски, синоќа беше отворено 21. издание на „Скопје филм фестивал“. Режисерот Блажевски рече дека е задоволен од првите впечатоци на публиката по премиерата.

„Публиката многу убаво реагираше по проекцијата и со оглед на фактот дека се работи за една специфична комедија на апсурд, црна комедија, особено е битно што публиката реагираше на точни места, мнгу е битно за авторот заедно со публиката да го гледа филмот како еден вид проверка на концептот. Се надевам дека филмот е гледлив, питок и дека ќе комуницира со публиката. Јас сум оптимист дека публиката ќе го разбере и ќе го засака филмот“, рече режисерот Блажевски.

Филмот е копродукција помеѓу Македонија, Србија, Словенија и Косово. Продуцентот Дарко Попов посочи дека и заради тоа проектот бил прилично комплициран.

„Македонија е носител во оваа копродукција, подржани сме од Еуроимаж и „Синема нетворк“ и беше прилично сложено да се координира продукцијата, бидејќи се премногу земји и премногу барања и сето тоа со цел филмот да биде што подобар. Развивањето на проектот трае од 2012 година и собирањето на средства за реализацијата, сега се надевме дека филмот ќе им се допадне на луѓето и дека ќе препознаат квалитет“, рече Попов.

Директорот на фотографија Димо Попов рече дека му било чест да снима со Блажевски кој бил негов професор.

„За разлика од претходниот филм (Панкот не е мртов) овој филм сакавме да биде топол, позитивен и стилски и визуелно го работевме поинаку. Сакавме да направиме една убава бајковита атмосфера и задоволен сум како изгледа крајниот резултат“, рече Димо Попов.

Блажевски пак додаде дека во овој филм, за разлика од претходниот, сакал да создаде стилски сосема различна слика.

„Не само во смисла на гама и колорит, туку и во смисла на расположение, една идеја да се долови бајковитост, во тој, инаку грд и апсурден свет. Филмот и во визуелна димензија требаше позитивно да зрачи кон гледачот, да создава еден контрапункт, значи да зрачи со оптимизиам, а друга страна се случува тоа што се случува во приказната. Тоа беше нашата стратегија. Кај нас, за жал, немаме вистински услови во киносалите да се добие вистинскиот визуелен впечаток“, изјави режисерот.

21-виот „Скопје филм фестивал“ беше свечено отворен пред преполната сала во кино „Милениум“. Фестивалот за отворен го прогласи режисерот Владимир Блажевски посакувајќи му успех на ова издание на фестивалот, тој рече дека се надева дека ќе стане традиција Скопскиот филмски фестивал, секоја година да се отвора со премиера на македонски филм.