„Најголем комплимент“, вели активистката Грета Тунберг откако нафтените гиганти ја прогласија за „најголема закана“

Грета Тунберг и останатите климатски активисти изјавија дека им претставува чест што шефот на најголемиот нафтен картел во светот ја прогласи нивната кампања за „најголема закана“ по индустријата на фосилни горива.

Критиките за ученичките штрајкови доаѓаат од Организацијата на држави извозници на нафта (ОПЕК), кои изразија загриженост за угледот на нафтените компании по интензивирањето на протести против климатските промени, заедно со екстремните временски прилики.

Генералниот секретар на ОПЕК, Мохамед Баркиндо, изјави дека постои масовна мобилизација на светската јавност против нафтата, која започнала да „диригира политики и корпорациски одлуки, како и инвестиции во индустријата“.

Тој додал дека притисокот го чувствуваат и семејствата на водечките луѓе во ОПЕК бидејќи нивните деца ги прашуваат за иднината гледајќи ги нивните врсници како на улиците демонстрираат против нафтената индустрија.

Иако Баркиндо ги обвини активистите за манипулирање на луѓето со непотврдени научни аргументи, неговите коментари беа дочекани со одушевување од учениците и активистите, кои на тоа гледаат знак дека нафтената индустрија ја губи битката за јавното мислење.

„Ви благодарам! Нашиот најголем комплимент досега!“, напиша на Твитер активистката Грета Тунберг, 16 годишната иницијаторка на ученичките климатски штрајкови од Шведска.

Тунберг беше именувана од магазинот „Тајм“ помеѓу највлијателните тинејџери за 2018 година и инспирираше стотици илјади ученици низ светот да одржат штрајк барајќи од своите власти посериозен пристап кон решавање на проблемот со климатските промени. Норвешки пратеници претходно оваа година ја номинираа Тунберг за Нобеловата награда за мир, како признание за нејзиниот активизам.