Отвореното кино на Кинотека ќе се вика „Мирно лето“ по филмската комедија на Димитрие Османли

Младиот уметник Дејан Давчевски викендов работеше на графит во дворот на Кинотека, инспириран од македонскиот филм „Мирно лето“ на режисерот Димитрие Османли, кој ќе се прикажува во рамки на отвореното кино во среда (5 август) од 20 часот.

Кинотека од неодамна започна да прикажува филмови во својот двор со цел да запазат мерките за заштита од Ковид-19, а во исто време публиката да ужива во култура. Во наредниот период, тие ќе одржат повеќе домашни и светски проекции, а првата македонска филмска комедија е една од нив.

Всушност овој филм наредната година полни 60 години откако е снимен.

Премиерата на филмот се одржала на 18 мај 1961 во скопското кино „Култура“. Во него играат Љупка Џундева, Слободан Перовиќ, Мери Бошкова, Илија Милчин, Дарко Дамевски, Ацо Јовановски, Петре Прличко и Илија Џувалековски.