Отворено седмото издание на Меѓународниот театарски фестивал во Тетово

Со претставата „Живата сфинга“ во изведба на Националниот театар од Приштина синоќа во Тетово свечено беше отворено седмото издание на Меѓународниот театарски фестивал во Тетово.

Домаќин е Националната установа „Тетовски театар“, а седмиот меѓународен театарски фестивал ќе трае до 2 октомври и ќе бидат одиграни шест претстави. Покрај театрите од Скопје и Тетово гостуваат и претстави од Турција, Албанија и Косово.

За вечерва (28 септември) е најавена претставата  „Странци“ на Драмски театар од  Скопје која ќе се изведува на македонски јазик. Домаќините Тетовски театар настапуваат на 29 септември со првата реприза на „Едно изгубено писмо“.

Албаниан денс театар од Тирана, Албанија на 30 септември ќе се претстави со драмата „Јас секогаш имам една шамија во својот џеб“. Гостите од Турција, театарската група Атакент од Истанбул настапуваат на 1 октомври со претставата „Џинот со сини очи“. Последниот ден ќе се игра претставата „Зона на чекање“ од театар Миѓени од Скадар, Албанија.