Отворено писмо од Наставнички пленум до СОНК

„Екстерната проверка на знаењата на учениците во основното и средно образование која ја спроведуваат надлежните државни институции е заснована врз целосно погрешен концепт, се вели во најновото соопштение од Наставнички пленум упатено до Самостојниот синдикат за образование, наука и култура.

Пленумот бара Законот за наставници за основните и средните училишта во Република Македонија целосно да се укине бидејќи, како што велат, е неприфатлив. Според нив, спорна е и Акдемијата за наставници.

„Почитувани претставници на СОНК,

Во врска со преговорите кои ги водите со претставниците на Министерството за образование и наука и нивно приведување кон крај, ние – членовите на Наставничкиот Пленум, сакаме да Ви ги пренесеме нашите ставови поврзани со прашањата околу кои се водат преговорите.

1. По прашањето за екстерна проверка на знаењата на учениците во основното и средно образование, нашиот став е дека ваквиот начин на тестирање кое го спроведуваат надлежните државни институции е заснован врз целосно погрешен концепт, како такво е невалиден, необјективен и нерелијабилен инструмент за проверка на постигнувањата на учениците. Ваквиот став се должи на неколку моменти:

– Постигнувањата на учениците подразбираат континуирано следење, мерење, проверување, вреднување и оценување на нивните знаења, умеења, способности, вештини, активности, заложба, особини, чувства, вредносен систем. Низ процесот на настава, ученикот ги покажува свoите знаења низ различни облици на проверка на истите: усно, писмена работа, есејски прашања, интерни тестови (според тежински нивоа), проектни активности, истражувачки активности, учество на натпревари. Своите вештини и способности учениците ги искажуваат низ различни видови наставни активности со кои го применуваат стекнатото знаење. Годишната оценка, меѓу другото, е резултат на учество во училишни секции, воннаставни активности, хуманитарни акции, општокорисна работа. Чувството на одговорност и заложбата да се даде сопствен придонес во личниот развој, како и развојот на заедницата, се вреднува исто како што се вреднува и вредносниот систем на ученикот. Процесот на следење, мерење, вреднување и оценување на постигнувањата на учениците е сложен процес кој се одвива во текот на училишната година. Оценувањето е само еден сегмент од тој процес. Според тоа, еден тест, макар бил и екстерен, не може и не смее да биде единствен инструмент за вреднување и оценување на постигнувањата на учениците.

– Резултатите од екстерното оценување влијаат врз крајниот успех и прават огромна штета на учениците.

– Резултатите од екстерното прават штета врз вреднувањето на работата на наставниците со несогледиви последици (нивниот кредибилитет, можноста за професионален и кариерен развој и можноста да го загубат работното место).

– Резултатите од екстерното тестирање сериозно го нарушуваат воспитно образовниот процес, ставајќи акцент врз помнењето, а отфрлувањето на анализа, синтеза, примена и творештво како повисоки нивоа на знаења во процесот на образување. Преку ваквиот начин на вреднување на постигањата на учениците, се нагласува значењето на формата, а не на суштината – процесот на поучување.

Воспитниот сегмент во еден ваков образовен систем сосема го губи своето значење, бидејќи не е предмет на крајно вреднување и оценување од страна на државните образовни институции. Резултатите од екстерното тестирање прават несогледиви последици по развојот на општеството, на тој начин што училиштето нема да биде место каде се подготвуваат луѓе со широк круг на знаења, оспособени за живот, работа и развој на општеството.
Заради ова, Наставничкиот Пленум бара комплетно ревидирање на моделот на екстерното тестирање, со кое екстерните проверки би имале исклучиво формативен карактер и никако не би влијаеле врз успехот на учениците и вреднувањето на работата на наставниците. Резултатите од екстерното тестирање не смеат на било кој начин да се одразат врз платата на наставниците, ниту пак во било кој случај да бидат причина за губење на работното место на наставниците.

2. По прашањето за Законот за наставници за основните и средните училишта во Република Македонија, ставот на Наставничкиот Пленум е дека тој е неприфатлив и бараме негово укинување.

Напредувањето во наставник-ментор и наставник – советник, како и губењето на звањето, доколку две години едно по друго наставниокот не е во редот на „наградените“ наставници (според резултатите од екстерното тестирање), кое се темели врз резултатите од екстерното тестирање, за нас е целосно неприфатливо. Затоа бараме негово укинување и осмислување нов концепт за професионален и кариерен развој на наставниците.

3. Со Законот за Академија за наставници е предвидено создавање Национално тело кое би било задолжено за јакнење на наставничките компетенции за реализација на современа настава.
Тој предвидува едукација и обука на штотуку дипломираните студенти од наставните факултети, обуки за дипломирани студенти од ненаставни факултети, како и обуки за наставници кои се дел од училишната пракса.

За студентите кои завршиле на факултетите кои образуваат наставни кадри (наставна насока) не е потребна нивна доедукација од логична причина што факултетите на кои се образува наставен кадар ја имаат таа улога на осособување на идните наставници за време на студиите. Студиските програми во земјите – потписници на Болоња, предвидуваат и до 50% практична настава, така што доволно е на нашите факултети да се ревидираат студиските програми во овој дел за да од нив излезат наставници компетентни за работа.

За студентите кои завршиле високо образование на ненаставни факултети, педагошко – психолошката и методско – дидактичката подготовка се реализира токму на педагошките факултети, така што формирањето на вакво тело на национално ниво ќе претставува непотребно преклопување на надлежностите во општеството.

За обуките и јакнење на наставничките компетенции на наставниците кои се дел од училишната пракса, Бирото за развој на образованието до сега успешно го водеше делот за континуирано стручно и професионално усовршување на наставниците. Единствено што недостасуваше беа акредитирани програми за таков професионален развој на наставниците, па истите следеа обуки прифатени од други образовни системи преку одобрени проекти од надлежните институции (МОН). Во тој дел ангажирањето на стручен кадар од нашите факултети во изработка на програми за професионален и стручен развој на наставниот кадар би бил чекор кој би довел до јакнење на системот за обука и стручно и професионално усовршување на наставниците во Република Македонија.

Според изнесеното, смислата на формирањето на Академијата за наставници го губи своето значење, заради што сметаме дека Законот за Академија има селективен карактер и ги обесправува студентите кои завршиле Педагошки факултет под оценка осум (8).

Затоа Наставнички Пленум се залага за негово укинување.

Почитувани претставници на СОНК, со ова писмо сакаме да Ви изразиме поддршка во преговорите и да Ве предупредиме да бидете истрајни во нашите заеднички заложби за градење силен образовен систем во кој учениците ќе постигнуваат квалитетни знаења, ќе работат мотивирани наставници кои својата енергија ќе ја насочат кон јакнење на квалитетот на наставата, задоволни родители и конечно- општество засновано на знаење.

Доколку отстапите од барањата заради кои наставниците го активираа штрајкот, Ве предупредуваме да бидете подготвени да се соочите со последиците од таквата одлука.
Во тој случај, бидете убедени дека Наставнички Пленум ќе биде тело кое веќе прераснува во движење на сите наставници во Република Македонија и преку него наставниците ќе ја продолжат борбата за подобро образование на нашите деца.

Целото писмо упатено до СОНК е достапно на веб-страницата на Наставнички пленум.