Отворена регистрацијата за ENGAGE конференцијата за социјален активизам 2018

Младински образовен форум и Радио МОФ ве покануваат на седмото издание на ЕNGAGE – Kонференција за социјален активизам. На 12-ти мај (сабота) 2018 со почеток од 12 часот, во Музејот на современа уметност – Скопје низ слободен простор за дискусија и инспирација ќе ги чуеме говорите на успешни домашни и странски активисти и активистки, професорки и професори, дигитални иноватори, режисери, уметници и ученици.

Оваа година на ENGAGE ќе дискутираме за: контрола на властите преку технологија, образование, родовата дискриминција, феминизмот, правата на ЛГБТ лицата, независните културни простори, улогата на филмот во општеството, потенцијалот кој се крие во учениците и нивните професори. На ENGAGE со свои говори ќе учествуваат: Ѓорче Ставрески (режисер на филмот „Исцелител“), Алвин Салимовски (директор во ОУ “Браќа Рамиз-Хамид“ и основач на бендот Roma Rock School), Румена Бужаровска и Ирена Цветковиќ (#СегаКажувам), Елтон Баџаку (режисер на филмот „Скандал“, Албанија), Мифонви Никсон (mySociety, платформа They work for you, Велика Британија), Петар Ниновски (Brainster), Арбер Салиху (Термокис, Косово), Андријана Пејчиновска и Жељко Ненадиќ (OrceTalks, ученици од „Орце Николов“), и настапи на Roma Rock School и импров групата „Настап“.

Дополнително, по говорот на Елтон Баџаку во киното на Музејот на современа уметност, присутните ќе имаат можност и да го гледаат неговиот филм „Скандал“.

Преку ENGAGE, МОФ и Радио МОФ создаваат слободен простор за информирање и делување, како онлајн така и во физичкиот простор. Сите млади и граѓани кои чувствуваат потреба за подобрување на нашето општество се добројдени да бидат дел од овој настан.

На ENGAGE 2018 ќе говорат осум говорници од четири земји, ќе се одржат музички и театарски перформанси низ кои ENGAGE ќе обезбеди едукација, интеракција и инспирација за индивидуи, групи и организации чија цел е да го подобрат општеството во кое живееме.

Регистрацијата е достапна на овој ЛИНК, а можност за учество ќе имаат првите 200 пријавени учесници за конференцијата. Повеќе информации за сите говорници и настапи може да се најдат на engage.mk.

Подолу може да прочитате повеќе детали за говорниците на ENGAGE и околу самиот настан:

Ѓорче Ставрески, режисер и сценарист. Филмот „Исцелител“, иако дебитантски, беше одлично прифатен – и критички, и од публиката, а од странските филмски фестивали досега има осум награди.

Алвин Салимовски e директор во ОУ “Браќа Рамиз-Хамид“, Шуто Оризари-Скопје и основач и претседател на Здружението за мултиетничко музичко образование Roma Rock School. Салимовски ќе зборува за музиката во образованието како средство за мотивација и интеграција. Roma Rock School е здружение за мултиетничко музичко образование, основано во мај 2017.

Румена Бужаровска и Ирена Цветковиќ, како претставнички на интернет акцијата #СегаКажувам, ќе зборуваат за борбата против сексуалното насилство и вознемирување и кампањата која привлече огромно внимание кај јавноста и медиумите.

Елтон Баџаку, независен режисер и автор на филмот „Скандал“ од Албанија, ќе зборува за тоа како уметноста, особено филмската, ја менува состојбата на ЛГБТ заедницата во неговата земја.

Мифонви Никсон, комуникациски и маркетинг менаџер во mySociety, хуманитарна организација во Велика Британија која нуди дигитални алатки кои им помагаат на граѓаните да имаат увид и надзор врз работата на властите. Никсон ќе зборува на темата „Политичарите работат за вас, а не обратно. Како да имаме увид во нивната работа?“.

Петар Ниновски од Брејнстер ќе зборува за тоа како неговата компанија создава продукти кои носат дополнителна вредност за заедниците.

Арбер Салиху од заедницата Термокис во Приштина, ќе го сподели своето искуство во градење на заедници и наоѓање заеднички вредности во време на поделби. Салиху е музичар, културен активист и организатор на настани за заедницата.

Андријана Пејчиновска и Жељко Ненадиќ од гимназијата „Орце Николов“ ќе зборуваат за нивната иницијатива OrceTalks, како и зошто се потребни повеќе такви идеи за посеопфатно и подобро образование во Македонија.

На ENGAGE годинава ќе има и два настапи: Roma Rock School со получасовен музички репертоар ќе покажат што научиле во изминатата година, а Импров група „Настап“ ќе покажат колку спонтана, комична и креативна може да биде театарската сцена.

ЕNGAGE е поддржана од Фондација Отворено Општество Македонија во рамки на јубилејниот настан за одбележување на 25-годишнината од постоењето на ФООМ,  организирана од Младински образовен форум и Радио МОФ.

На 12 мај 2018 со почеток во 20 часот ќе се одржи и настанот Аргумент: Организирано изразување во организација на МОФ. Заинтересираните за овој настан треба да се регистрираат на посебна регистрација.