Отворен повикот за Лузер Фест 2019

Фестивалот на млади бендови Лузер Фест се враќа и оваа година како дел од програмата на дваесет и првиот Таксират.

СЦ „Борис Трајковски“ А1 арена во соработка со МКЦ Скопје и овој декември ќе биде место каде 10-тина млади бендови ќе се претстават со свои авторски песни пред скопската публика.

Апликацијата е отворена до 20 октомври за артисти и изведувачи од сите жанрови. Секој заинтересиран бенд мора да испрати своја кратка биографија и 3 снимки од свои настапи. Снимките може да се од настапи во живо, демо-снимки или од проби на бендот.

Избраните учесници ќе бидат повикани да настапат на концертната вечер закажана на 5-ти декември. Како и секоја година публиката ќе го одбере најдобриот изведувач, а на победникот традиционално ќе му биде доделена награда од фестивалот – покривање на трошоците за снимање на албум.

Под мотото „Преврти го Скопје наопаку“, Таксират фестивал се враќа и оваа година на репертоарот на домашни музички фестивали. Целосната програма со сите учесници ќе биде објавена во претстојниот период.