Отворен мини ЗОО Парк во средното училиште СУГС „Браќа Миладиновци“

Денеска, во присуство на двајца министри и двајца градоначалници, беше отворен за јавност мини ЗОО Паркот на СУГС „Браќа Миладиновци“ во Драчево.

Во конкуренција на триесетина средни училишта од државава, ова училиште со Проектот за мини ЗОО Парк и Систем за Аквапоника, победи на натпреварите во организација на Фондот за иновации и технолошки развој и UPSHIFT програмата на УНИЦЕФ.

„Со средствата во износ од 120 илјади денари, ние ја доуредивме нашата зоолошка градина и од денеска ја отворивме за сите посетители. Влезот е бесплатен, концептот не е да се заработува од наплата на влезници, туку врз основа на добровелен прилог кој посетитилите ќе го донираат во касата на влезот, ќе помогнат за полесно одржување на ЗОО Паркот и грижа за животните. Истовремено, на влезот на сите посетители кои ќе сакаат да ги хранат животните и птиците од паркот, бесплатно ќе се дели строго препорачана храна за секое животно/птица поединечно“, најавија од училиштето кои образува учениците од земјоделско-ветеринараната струка.

Директорката на СУГС„Браќа Миладиновци“ Елизабета Ангелеска, изјави дека е горда на своите ученици и ги повика сите вљубеници во природата да го посетат мини ЗОО Паркот, а полуматурантите да се запишат во училиштето и да учат непосредно грижејќи се за животните.

На отворањето на ЗОО Паркот присуствуваа министерката за образование и наука, Мила Царовска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски.