Отворен конкурс за учество на „Лузер Фест“ 2020

Во склоп на фестивалот „Таксират“, и оваа година ќе се одржи настанот за промовирање на свежите и најнови имиња од домашната музичка сцена – „Лузерфест“. Најдоцна до 18 октомри 2020,  сите заинтересирани ќе можат да пополнат пријава за учество на овогодинешното издание.

Бендот кој ќе успее да ги добие гласовите од публиката и од жирито, ќе има можност да сними свој студиски албум во професионално музичко студио, издаден од страна на „Пасворд продукција“. Истовремено, бендот ќе има шанса за настап на најмалку три настани организирани од продукцијата во 2021 година.

„Годинава, освен што ни донесе многу предизвици, ни остави и доволно простор и слободно време за изразување на нашата креативност! Се надеваме дека во текот на изминатите седум месеци се родија еден тон нови идеи, па ги повикуваме сите домашни, метал, рок, инди, поп, трап, рап, млади, стари, неоткриени таленти да се пријават за учество на фестивалот на нова авторска музика – Лузер Фест 2020“,  велат организаторите.

За да се пријават на конкурсот, музичките изведувачи треба во електронски формат да достават три досега необјавени авторски песни (во кој било аудио формат), кратка биографија на бендот и членовите, фотографија и контакти.