Отворен е натпреварот „Зелени идеи 2022“

Здружението „АРНО“ го отвори натпреварот за зелени идеи и ги повика граѓаните да се пријават со свои зелени бизнис идеи до 26-ти април.

Годинава, водени од пандемиските потреби и поуки за дигитализација, АРНО ќе додели три преносни компјутери за идеите кои ќе бидат избрани во финалето како три македонски победнички идеи. Дополнителна поддршка ќе доделат и партнерите: МКА2000, Македонија 2025 и Стопанската комора на Северо-западна Македонија. За сите кои имаат потреба од поддршка во развивањето на апликацијата, АРНО организира работилници кои се отворени за пријавување.

„Последниот зелен бизнис кој ни донесе награда од регионалниот натпревар (О-круг)  е идеја која иако не беше официјализирана имаше прототип и наскоро очекуваме од овој стартап да добиеме природни ароматизери од кори од портокал. Повторно апелираме до сите потенцијални апликанти да го искористат времето до крајот на натпреварот, да се вклучат во работилниците кои ги нудиме и да развијат солидни апликации, во кои ќе се видат искрените намери, но и конкретните производи и услуги што ќе ги нудат. Мораме да работиме на силни бизнис модели со пазарни стратегии, кои секако ќе имаат вредности од зеленото и социјалното претприемништво“, изјави Ирина Јаневска од АРНО.

„Зелени идеи“ е годишен натпревар кој поддржува  развој на мали, локални одржливи бизнис идеи во земјите од Западен Балкан и Грција. Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се натпреваруваат на регионален натпревар. Четворицата претставници кои ќе победат на регионалниот натпревар добиваат по 10.000 или 5.000 долари за реализација на идејата во својата земја. Деталите за натпреварот се наоѓаат на веб страницата https://zeleniidei.mk/.

„Зелени идеи“ е годишен натпревар кој поддржува  развој на мали, локални и одржливи бизнис идеи во нашата земја и во Албанија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија и Грција. Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се натпреваруваат на регионален натпревар. Четворица победници од регионалниот натпревар добиваат по 10.000 или 5.000 долари за реализација на идејата во својата земја. Активностите на регионалниот натпревар „Зелени идеи“ се финансирани од Фондот на браќата Рокфелер (RBF), Балканскиот фонд за демократија (BTD), УСАИД и кофинансирани од Еразмус+ програмата.

Досега, во Северна Македонија се инвестирани 75.000 долари во осум македонски победници на регионалните натпревари: Кооперативата на органски потрошувачи „Наша добра земја“, фирмата за репарирање и реупотреба на стар мебел „СПИН“, Еко-магионичарот Кристиан Шопов, стартапот „Храна за сите“, Challenger – мобилна апликација што ги наградува сите еколошки одговорни корисници,  био смарт ориз (ориз добиен преку иновативни еколошки практики) на кооперативата „Оризова братимка“ , WISE Group со идејата за преработка на комиње во прехрабен адитив и О-круг“ – производство на ароматизери и масла од отпадни кори од портокал.