Отворање на галеријата на отворено на урбана и графити-уметност кај ГТЦ

Вечерва во 20 часот, ќе биде отворена првата галерија на отворено на урбана и графити-уметност со наслов „Градот убав“ кај автобуската постојка во Градскиот трговски центар.

Идејата за реализација на овој проект потекнува од објавата на еден македонски интернет-портал, во која архитектот Филип Конески дава идеја за т.н. галерија на отворено, која би била сместена на бетонскиот потпорен ѕид, во сутеренскиот дел на Градскиот трговски центар.

Главната идеја за поставување на галеријата токму во овој простор, според иницијаторот, е повторното враќање на автобуската постојка во рамките на подземната сообраќајница за која тој верува дека ќе биде подобро искористена со овој проект.

Во проектот учествуваат дваесетина локални уметници претходно одбрани на отворен конкурс: Антонио Илиевски, Блаже Атанасков, Давор Кешкец, Драган Китановски – Драш, Ермал Мусовиќ, Васил Димовски – Страјк, Цветан Неделковски, Ирина Цоневска, Иван Петрушевски – Флим, Марјан Димиќ, Миро Грчев, Младен Трендевски, Сали Ертунч, Сања Симоска, Селмир Алими – Есием, Зоки Мише – Шума, Трајче Павлов, Владимир Милиќ, Воскресија Андреевска, како и идејниот автор и проектен координатор Филип Конески.

Проектот е дел од програмата CreArt (Network of Cities for Artistic Creation), која претставува мрежа на 14 партнерски градови и институции (меѓу кои и Градот Скопје и МКЦ), на европското културно богатство и разноликост, чија цел е промоција на меѓународниот креативен сектор преку тренинзи, размени и изложби на визуелни артисти.