Откажа и мерната станица за квалитетот на воздухот во Центар, функционални се само 6 од 18 станици низ земјава

Од почетокот на јули, мерната станица за квалитетот на амбиенталниот воздух во Скопје – „Центар“ на Министерството за животна средина не враќа никакви податоци.

Како што може да се забележи од интернет порталот на Министерството, последниот податок за дневната концентрација на ПМ10 суспендирани честички е регистрирана на 29-ти јуни.

Во моментов само една третина од ПМ10 сензорите низ земјава се функционални, или 6 од вкупно 18. Кај сензорите за ПМ2,5 честички бројката е уште помала – само 1 од 6 сензори е функционален.

Од 8-те мерни станици во скопскиот регион, во моментов податоци прикажуваат само мерните станици „Ректорат“ и „Карпош“, која се активирала последниов ден откако претходно и таа не била функционална. Додека станиците „Гази Баба“ и „Лисиче“ веќе подолг период не функционираат. Последниве денови информации нема и од мерната станица „Миладиновци“.

Во регионот на Западната зона функционални се само ПМ10 сензорите на мерните станици во Гостивар и Лазарополе, додека станиците во Тетово, Кичево и Битола не регистрираат податоци во моментов.

Во Источна зона функционира мерната станица во Кочани, а до вчера работела и мерната станица во Струмица, иако оваа станица нема податоци за 4-ти јули. Во моментов нефункционални се мерните станици во Куманово, Кавадарци и Велес.

Во делот „новости“ на сајтот на Министерството за животна средина нема информации за причините за откажување на мерните станици, додека последна информација која ја споделиле со јавноста е дека мобилната мерна станица од Гази Баба се сели во Ѓорче Петров.

„Во текот на месец Јуни 2019 година е извршена дислокацијата на мобилната автоматска мониторинг станица за мерење на квалитет на воздух. Согласно планот за распределување на станицата во општини каде што нема фиксни автоматски мониторинг станици истата е поставена во Општина Ѓорче Петров во дворот на СУГС „Кочо Рацин” каде што во период од една година треба да го мери квалитетот на воздухот во Општината“, велат од Министерството.

Претходниов период за лошата состојба во која се наоѓаат мерните станици низ земјава реагираа и од О2 Иницијатива, кои на социјалните мрежи упатија критики до надлежните дека не ги исполнуваат дадените ветувања:

„Ветувањето за поправка на сите мерни станици останува неисполнето, а од „интензивните“ напори на Министерството за животна средина, нема ни абер, ни резултати. Граѓаните од целата држава во овој момент можат да се потпрат само на информациите од аматерската мрежа на pulse.eco податоци, кои официјалните лица од надлежните институции во државава, не ги признаваат, но секако ниту можат, ниту планираат да понудат замена. Останува загадувањето да го премеруваме по мирис и од око“, соопштија од Иницијативата. 

За ситуацијата денеска реагираа и од порталот Мој Воздух, од каде потсетуваат дека резервни делови за мерните станици требало да се набават на почетокот од годинава, но дека не може да се види дека тие се во функција.