Оставка на министерот за внатрешни работи на Албанија по убиството на 25-годишно момче

Албанскиот министер за внатрешни работи Сандер Лешај вчера поднесе оставка по смртта на 25-годишно момче кое полицијата го уби за време на полицискиот час, кој е воведен во рамките на борбата против коронавирусот, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

„Сандер Лешај ‘поднесе оставка и јас ја прифатив’“, изјави премиерот Еди Рама на телевизија.

Истовремено, безбедносните сили користеа солзавец и водени топови за да ги растераат демонстрантите кои фрла камења и запалени предмети.

Демонстрантите ја осудија смртта на Клодијан Раша кој беше убиен за време на полициски час, за кој неговото семејство посочи дека излегол да купи цигари.

Според податоците на Министерството за внатрешни работи, осум полицајци биле повредени, од кои еден потешко, додека двајца демонстранти биле примени на одделот за итни случаи во болницата во Тирана, по судирите кои се случија претходниот ден меѓу полицијата и демонстрантите.

„Правдата ќе биде извршена“, вети премиерот, говорејќи за „непростливата фатална епизода“, за која верува дека не го одразува „расположението на полицијата“.

Полицаецот кој се сомничеше дека пукал, делуваше „необјасниво и неразумно“, додаде тој.

Ресорното министерство покрена истрага за утврдување на точните околности за смртта. Во меѓувреме, осомничениот полицаец е уапсен.

Властите во Албанија во последните неколку недели повторно воведоа мерки за ограничувања, вклучително и полициски час.

[Видео] Протести во Тирана поради убиство на момче кое го прекршило полицискиот час