„Oстајте да помини фичото“ – Герила акција во Битола за подигање на свеста околу коронавирусот

Неколку силуети на фичо се појавија на неколку локации низ Битола. Преку оваа герила акција се порачува дека ширината на овој автомобил е потребна да се одржува меѓу граѓаните, за да се прекине пренесувањето на новиот коронавирус.

Според авторите, целта на оваа уметничка акција е на креативен начин да ги предупреди граѓаните од неопходноста да се одржува физичко растојание и на тој начин да придонесе кон почитување на оваа мерка која е најефективното средство во борбата со епидемијата од КОВИД-19.

„Акцијата својата инспирација ја црпи од анегдота од веселите периоди на 70-тите и 80-тите години, кога што и да се правело/градело/поставувало, требало да се остави доволно простор колку да може да помине фичо. Случајно или не просторот потребен за да помине едно фичо е околу 2 метра, што всушност е и препорачаното растојание за спречување на ширењето на КОВИД-19. Оваа акција е првенствено наменета за постарите генерации коишто се најосетливи на вирусот,  а сепак многу често забораваат да го почитуваат препорачаното растојание од 2 метри. Се надеваме дека жолтите фичовци ќе ги потсетат битолчани посовесно да одржуваат растојание, барем онолку колку да помине фичо меѓу нив“, велат авторите на инсталациите.

Покрај силуетите од фичовците, во рамки на акцијата се направени и поголеми количини налепници кои потсетуваат на потребата за одржување растојание, како и на генералните препораки за заштита од КОВИД-19.