„Ослободување“ – изложба на дела од Милена Атанасова во Музеј на Град Скопје

Денеска во Музеј на град Скопје ќе се отвори изложба на Милена Атанасова насловена „Ослободување“. Станува збор за мултимедијален проект во којшто авторката низ танц, видео и музика, ја раскажува својата интимна приказна којашто опфаќа три клучни периоди од нејзиниот живот, своевидна coming-of-age исповед во којашто се испреплетени различни емотивни состојби кои флуктуираат и еруптираат во катарзично крешендо.

Поттикната од љубовта кон танцот, музиката и визуелните уметности, авторката се впушти во проект којшто претставува сублимат на нејзините долгогодишни преокупации и афинитети, своевидно заокружување на нејзиното авторско кредо но пред сѐ, психотерапевтско, спиритуално патешествие со коешто затвора специфично поглавје од своето битисување

Атанасова е родена во Кавадарци, 1985 година. Дипломирала на фиорентинската академија за уметност и дизајн ‘Accademia Italiana’, отсек моден дизајн, 2009. Оттогаш активно работи како моден дизајнер, моден илустратор, костимограф и стилист.

Во 2011-та година го основа својот моден бренд ‘atami’. Изложувала на модни ревии, саеми за мода и сл. земјава и во странство.

Зад себе има повеќе колекции, проекти, филмови и реклами, фото-едиторијали, колаборации со повеќе артисти, меѓу нив: Емилија Мишева (Em.Ellephantski), Игор Јосифов, Милчо Манчевски, Атанас Ботев, Ана Јакимска, Дина Дума, Бранко Костевски, Неда Дамчевска, ‘[0.10]error of harmony’, Ивана Коцевска, и други.

Годинава заедно со Емилија Мишева и Илија Стефановски Атанасова ја основа концептуалната продавница ‘error kolektiv’ поддржувајќи и промовирајќи македонски дизајн и уметност.

Дел е од новиот моден проект ‘И?’, заедно со колегите Никола Каракашов и Стефанија Насеска Попадинец.