Оригиналната фотографија од популарниот мем продадена за илјадници долари

Млада девојка која стана интернет сензација кога нејзината фотографија стана вирална, сега ја продава оригиналната фотографија за илјадници долари на аукција, пренесува BBC.

Клои Клем, сега 10 -годишна, стана хит на интернет во 2013 година кога на двегодишна возраст нејзината мајка ја сними како не е воодушевена од изненадувачкото патување во Дизниленд.

Оттогаш, фотографијата стана популарен мем во ситуации кога некој сака да изрази загриженост.

Сега се продава како незаменлив виртуелен токен (NFT), начин за поседување на оригиналната дигитална слика.

NFT обезбедува дигитален сертификат за сопственост на делото и овозможува да се продаваат оригинални верзии на популарна содржина преку интернет – како вирални меми и твитови – како да се физички уметнички дела.

Во многу случаи уметникот може да ги задржи авторските права на своето дело, за да може да продолжи да произведува и продава копии од него, но купувачот е сопственик на „оригиналот“.

Некои луѓе го споредуваат со купување отпечаток со автограм.

Во септември 2013 година, мајката на Клои, Кејти објави видео на кое се прикажани нејзините две ќерки како реагираат на изненадувањето за Дизниленд.

Видеото е прегледано повеќе од 20 милиони пати, додека сликата со реакцијата на Клои стана интернет сензација.

„Го отворив Тамблр и имаше само страници и страници од лицето на Клои“, рекла нејзината мајка за BBC.

„Беше многу чудно. Моето семејство и пријателите ми ги испраќаа овие меми – до ден денес тие се уште ми ги испраќаат мемите на Клои што ги гледаат на интернет”, додава таа.

Сега семејството од Јута одлучи да ја понуди на аукција сликата како NFT. Понудите започнуваат со 5 етериуми – форма на криптовалута вредна околу 15.000 американски долари.

„Тоа е одлична можност, особено ако има обожавател на Клои што го сака овој мем, ќе може да го поседува. Дури и Клои рече дека тоа е прилично кул”, вели нејзината мајка.

По неколкуте милионски продажби, пазарот за сопственички права на дигитална уметност се прошири.

Во март, основачот на Твитер, Џек Дорси го продаде својот прв твит за цена од 2,9 милиони американски долари на бизнисмен со седиште во Малезија.

Клем вели дека би сакала да ги искористи сите пари заработени од продажбата за да помогне да се плати образованието на нејзините ќерки.