Орегон е првата држава во САД која ќе понуди трета опција за родот на личните документи

Граѓаните во американската држава Орегон, кои не се идентификуваат како мажи, или жени, отсега ќе имаат и трета опција на документите за идентификација. Со ова, Орегон стана првата држава во САД која нуди ваква опција.

Промената која беше одобрена од државната комисија за транспорт им дозволува на граѓаните да селектираат „Х“ доколку не сакаат да го специфицираат родот, кој е прикажан на личните карти и возачките дозволи.

Новото правило е предвидено да стапи на сила на 3 јули.

Орегон е прилично прогресивна држава во однос на ЛГБТ+ прашањата. Во ноември, државата стана прва во земјата каде на изборите победи гувернерка, припадничка на ЛГБТ+ заедницата – Кејт Браун, бисексуална жена, која првично служеше како гувернерка во 2015 по оставката на претходниот гувернер.

Иако Орегон е прва држава во САД која ја нуди оваа опција, „Х“ исто така се користи во Австралија, Нов Зеланд, Германија, Индија, Пакистан и канадската провинција Онтарио.

Калифорнија би можела да биде следната држава, со оглед на тоа дека во моментов се разгледува предлог-закон што ќе им овозможи на граѓаните да се идентификуваат како небинарни на сите официјални документи издадени од државата, вклучително и на изводите од матичната книга на родените.