Општина Охрид најави дека од денеска почнува да руши дивоградби

Општина Охрид најави дека од денес започнува акцијата за уривање на дивоизградени објекти на подрачјето на општината, а во согласност со законските процедури и Акцискиот план за постапување по препораките од последниот состанок на Комитетот за заштита на светското културно и природно наследство на УНЕСКО.

Оттаму велат дека ќе уриваат дивоградби кои што се во тек на израдба и дивоградби кои се опфатени со регистарот на дивоизгредени објекти од периодот од 2006-та до 2019-та година.

„На почетокот, ќе се отстрануваат објекти кај кои не постојат правни пречки и акцијата за уривање ќе ги опфати сите физички или правни лица кои имаат добиено Решение за отстранување на бесправно изграден објект/градба и истите не постапиле во согласност со издадените решенија од страна на градежните инспектори при Инспекторатот на општина Охрид“, порачуваат од Општината.

Денеска, додаваат ќе се руши објект на улицата „Марко Нестороски“ број 144,  дивоизграден објект во сопственост на физичко лице, кој е во фаза на карабина.

Од Општината порачуваат дека ако сопствениците сами не ги урнат дивоградбите, тоа ќе го изврши општината, а трошоците за отстранување ќе ги сносат лицата кои се задолжени во решенијата.