Опозицијата го гаѓаше со брашно албанскиот премиер Рама поради апсењето демонстранти

Албанскиот премиер Еди Рама доби брашно во лицето од опозициските пратеници на денешната седница на парламентот.

Потегот, според албанските медиуми, доаѓа во протест поради апсењето на 11 лица за насилните протести против воведувањето патарини на автопатот помеѓу Косово и Албанија. Најголемата опозициска Демократска партија на Албанија бара нивно итно ослободување.

Пред инцидентот, опозицискиот лидер Љуљзим Баша ја окупирал говорницата и посочил дека нема да дозволи седницата да продолжи доколку премиерот Рама не го напушти парламентот поради тоа што тој ги „навредил сите Албанци“, пренесува јавниот сервис на Албанија.

Фрленото брашно, покрај премиерот, се истурило и врз лицата на претседателот на парламентот и министерот за надворешни работи.

Седницата потоа била прекината, со најава од претседателот на парламентот дека ќе продолжи откако собраниското обезбедување ќе ги отстрани опозициските пратеници кои го фрлиле брашното кон премиерот.

Според дел од медиумите кон претставниците на владата биле фрлани и јајца, додека опозицијата на седницата имала истакнато транспаренти на кои кон владата биле испратени зборови како „крадци“, „криминалци“ и „бандити“.

Претставници од владеачката Социјалистичка партија коментирале дека настаните во законодавниот дом се обид на опозицијата да го блокира отворањето на преговорите на Албанија со Европската Унија и претстојните реформи во судскиот систем.