Онлајн петиција за укинување на паушалот за градинките во време на пандемија

Самоиницијативно, родители на деца кои се во предучилишна возраст започнаа онлајн петиција со име „Укинување на плаќање на паушалот за време на пандемијата со КОВИД – 19 и затворени градинки“.

Во петицијата стои дека родителите и граѓаните  се револтирани поради селективното општинско укинување на режиските трошоци за децата кои ги посетуваат градинките и посочуваат на неправилности и дискриминација врз родителите со деца до шест години.

„Иако градинките се целосно затворени, во поголем дел од нив се’ уште се плаќаат режиските трошоци со изговори дека така е правилото или дека тоа е надомест за чување на местото во установата за веќе запишаното дете, дури и во услови кога нема нови уписи во истата. Додека во некои општини, преку советите беа донесени одлуки за ослободување на родителите од плаќање на паушалот во износ од 521 денари за режиски трошоци, поголемиот дел од родителите се дискриминирани“, се вели во онлајн петицијата.

Родителите преку петицијата бараат укинување на режиските трошоци за градинките, како и укинување на пренасочениот надоместок за чување на место во установата до повторно отварање на детските градинкина цела територија на С.Македонија.

Истовремено, преку петицијата се бара и пребивање на уплатената откако ќе се отворат објектите, а во случај на преминување на детето во поголема група, и целосно рефундирање на средствата.

„При повторно отварање на установите – детските градинки, да се овозможи прием на деца чии родители добиле отказни решенија откако градинките беа затворени (11.03.2020). Голем број од родителите откако се затворени градинките и е донесена мерката за користење на ослободување на еден родител од работно место, не добија можност за искористување на истата и притоа им беше прекинат работниот однос поради неможноста за организација околу чување на детето. Родителите сега не можат да достават потврда како нивното дете би се вратило во градинката, а родителите би се вклучиле повторно во работниот процес“, се вели во петицијата.

Барањата на петицијата се насочени кон Министерството за труд и социјална политика.

Родители во недоумница за плаќањето за градинка среде пандемија, општини велат дека се покриваат режиските трошоци