Онлајн петиција за спас на Преспанско Езеро од пресушување

Граѓаните започнаа онлајн петиција за спасување на Преспанското Езеро кое е на раб на пресушување.

„Преспанското Езеро е едно од трите природни езера во С. Македонија. Тоа има многу богата историја и е дом на разновидна флора и фауна. Езерото е живеалиште на најпознатата риба, крапот. Моменталната катастрофална состојба на езерото според која водното ниво е повлечено за девет метри и 50% во волумен е загрижувачка и ужасна за Преспанското Езеро“, стои во петицијата.

Во неа се наброени сите проблеми со кои се соочува езерото, како исушените мочуришта, концентрација на сулфати и пестициди и слаб проток на чиста и свежа вода.

„Природните и еколошки катастрофи не познаваат политичка партија, религија и нација. Промената треба да започне од нас како индивидуи, за потоа да побара поддршка од поголемите институции. Ајде да ја потпишеме оваа петиција и да ги потсетиме надлежните од Министерството за животна средина да не го заборават Преспанското Езеро и да ги направиме сите напори за да го спасиме од исчезнување“, се додава во петицијата.