Онлајн изложба „Скопје 1973“ на Џоел Мартин Халперн со музика од Нина Спирова

Македонскотo студентско етнолошко – антрополошко друштво (МСЕАД),  преку онлајн изложбата „Скопје 1973 година“ преставуваат дел од визуелниот материјал што професорот Џоел Мартин Халперн го фотографирал во текот на неговиот престој во Скопје во 1973 година по повод одбележувањето на 10-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година.

Со звуци на Нина Спирова, онлајн посетителите можат да „залутаат“ во Скопје од 1973 година преку фотографиите кој го отсликуваат гратскиот, но и маалскиот живот во Скопје во овој период. Онлајн изложбата ќе биде достапна од денес до 15 јуни.

Џоел Мартин Халперн (1929 – 2019) и Барбара Керевски-Халперн (1931–) се американски антрополози што го реализирале првото антрополошко истражување во Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Во 50-тите години на ХХ век, тие подолг временски период престојувале во селото Орашац, во Шумадија, Србија, реализирајќи монографско антрополошко проучување од што произлегла нивната книга „Српско село. Општествена и културна промена во југословенската заедница“.

Во текот на престојот во СФР Југославија, сакајќи што подетално и поизворно да се запознаат со општествените и културните прилики во другите краишта и републики, патувале многу често. Така, во текот на 1954 година, тие ја посетиле социјалистичка Македонија, престојувале во Скопје и во повеќе градови низ републиката. Потоа, уште на неколку наврати патувале и престојувале во Македонија, како во 1962 година, потоа во 1973 година, а реализирале престој и во текот на 80-тите години на ХХ век.

Последен пат, професорот Џоел Мартин Халперн беше во независна Македонија во 2004 година, кога на Институтот за етнологија и антропологија (ИЕА) беше формиран посебен легат од книгите што Халпернови ги подарија на Библиотеката на ИЕА, а во Дигиталниот архив на етнолошки и антрополошки ресурси (ДЕАР) при ИЕА беше формирана голема збирка со архивски и визуелни материјали како оставнина на Халпернови за Македонија. Збирката фотографии брои повеќе од 3 000 единици. Минатата година на македонската јавност ѝ беше претставена изложбата „Мирисот на багремите. Скопје во 1954 година“.