Онлајн игра предупредува на ризиците од препознавање на емоциите од страна на вештачката интелигенција

Тим истражувачи ја создадоа веб-страницата emojify.info каде јавноста може да ги испроба системите за препознавање емоции преку сопствените компјутерски камери, пишува Гардијан. Една игра се фокусира на изразите на лицето за да ја измами технологијата, додека друга истражува како ваквите системи се борат да ги прочитаат изразите на лицето во даден контекст.

Нивната надеж, велат истражувачите, е да ја подигнат свеста за технологијата и да промовираат дискусии за нејзината употреба.

„Тоа е форма на препознавање на лицето, но оди подалеку, бидејќи наместо само да ги идентификува луѓето, тврди дека ги чита нашите емоции, нашите внатрешни чувства преку нашите лица“, вели д-р Алекса Хагерти, раководителка на проектот и истражувач на Универзитетот во Кембриџ.

Технологијата за препознавање на лицето, која често се користи за идентификување на луѓе, се најде под силни критики во последниве години во однос на слободата на изразување и потенцијална дискриминација.

Но, Хагерти вели дека многу луѓе не се свесни колку се вообичаени системите за препознавање емоции, истакнувајќи дека тие се употребени во разни ситуации, како на пример при вработување, безбедност на аеродром, па дури и во образованието за да се види дали учениците се ангажирани или ги извршуваат своите домашни задачи.

Таквата технологија, рече таа, се користи во целиот свет, од Европа до САД и Кина.

Таигусис, компанија специјализирана за системи за препознавање емоции и чија главна канцеларија е во Шенжен, вели дека ја користела оваа технологија за повеќе потреби, од домови за згрижување до затвори. Во индискиот град Лакнау, пак, планираат да ја користита технологијата за да ја откријат вознемиреноста кај жените како резултат на малтретирање – потег што наиде на критики, вклучително и од организации за дигитални права.

Иако Хагерти смета дека технологијата за препознавање емоции може да има потенцијални придобивки, мора да се има предвид нејзината точност, расната пристрасност, како и дали таа воопшто е вистинската алатка за одредена работа.

„Треба да разговараме многу пошироко во јавноста и да размислуваме за овие технологии“, рече таа.

Новиот проект им овозможува на корисниците да ја испробаат технологијата за препознавање емоции. Веб-страницата нагласува дека „не се собираат лични податоци и сите слики се зачувани на вашиот уред“. За време на една игра, корисниците се поканети да лажираат изрази за да видат дали системот е измамен.

„Тврдењето на луѓето кои ја развиваат оваа технологија е дека таа чита емоции“, рече Хагерти. Но, додаде таа, во реалноста системот чита движење на лицето, а потоа го комбинира тоа со претпоставка дека тие движења се поврзани со емоции – на пример, насмевката значи дека некој е среќен.