Оксфордската вакцина против Ковид-19 покажува 70% ефикасност

Вакцината за коронавирусот која ја развива Универзитетот во Оксфорд има ефикасност од 70 проценти, покажале резултатите од масовното тестирање.

Информацијата доаѓа истовремено како триумф и разочарување откако вакцините на „Модерна“ и „Фајзер“ покажаа 95 процентна ефикасност.

Сепак имунизацијата од Оксфорд е многу поевтина, полесно се складира и може лесно да се дистрибуира до сите држави во светот отколку другите две.

Поради овие предности, експертите очекуваат оваа вакцина да биде клучна во справување со пандемијата доколку биде одобрена за употреба од регулаторните тела.

Истражувањето било спроведено на 20.000 волонтери, половина од нив од Велика Британија и половина од Бразил. Регистрирани биле 30 случаи на позитивни на Ковид-19 помеѓу луѓето кои примиле две дози од вакцината, додека 101 случај на позитивни имало кај луѓето кои примиле плацебо. Анализата според податоците е дека вакцината нуди 70 проценти ефикасност.

Необичност во резултатите е тоа што вакцината покажала 62% делотворност помеѓу луѓето кои примиле две целосни дози, додека дури 90% ефикасност кај луѓето кои првично примиле половична доза, а потоа целосна доза од вакцината. Сè уште не е познато на што се должи ваквата разлика.

Овие 90% ефективност можат да значат дека преку усовршување на дозирањето на вакцината може да се постигне повисок степен на заштита. Водечкиот научник во истражувањето, професор Ендрју Поланд изјавил дека податоците за 90% ефикасност се впечатливи и дека тоа значи дека во иднина би имало уште повеќе достапни дози од вакцината за дистрибуирање.

„Податоците покажуваат дека имаме ефективна вакцина која ќе спаси многу животи. Возбудливо е тоа што откривме дека еден вид од нашето дозирање има околу 90% ефикасност и доколку се користи ваквиот режим уште повеќе луѓе ќе можат да бидат вакцинирани со планираната количина. Денешната објава е возможна само поради големиот број волонтери во нашето тестирање и талентираниот тим на научници низ целиот свет“, рекол Поланд.

Дополнително, податоците од тестирањето покажале дека од сите луѓе кои ја примиле вакцината немало хоспитализирани ниту сериозни случаи.

За разлика од вакцините на „Модерна“ и „Фајзер“, кои се базираат на РНК технологијата, Оксфордската вакцина дејствува преку генетски модифициран вирус на настинка кој е изменет за да не предизвикува инфекција и на него е додаден генетскиот код од главниот белег на новиот коронавирус – специфичните протеини со кои е обвиткан вирусот.

Човечкото тело ги препознава овие протеини како закана и произведува антитела со кои ги уништува.

Научниците од Оксфорд успеаја да спроведат процес на развивање вакцина, кој вообичаено трае десетина години, за само 10 месеци.

„Денешната објава не приближува чекор поблиску до моментот кога ќе ги употребуваме вакцините за ставање крај на ужасните последици предизвикани од вирусот“, изјавил творецот на вакцината, професорката Сара Гилберт.

Британската влада веќе има нарачано 100 милиони дози од вакцината, доволни за имунизација на 50 милиони луѓе.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.