Околу 50 кинематографи од повеќе земји на Годишното собрание на ИМАГО во рамки на „Браќа Манаки“

Македонското здружение на кинематографери, како дел од Друштвото на филмски работници на Македонија ќе биде домаќин на дводневното ИАГА 2016, Годишно собрание на Меѓународната федерација на кинематографери – ИМАГО, кое денеска и утре се одржува во Битола.

На собранието, како пропратен настан на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, ќе учествуваат околу 50 делегати од повеќе земји.

Како што посочуваат од Македонското здружение на кинематографери, овој настан има големо значење за генерално претставување на македонската култура, афирмација на македонската кинематографија и за меѓународна промоција на Македонија како дестинација за професионална соработка во областа на филмската дејност.

Организацијата на ИАГА 2016 е помогната од страна на ИМАГО и Агенцијата за филм на Република Македонија.

Инаку, ИМАГО е формирана со цел да ги поврзе кинематограферите од европските земји, тие да дискутираат и да изнајдат решенија за заедничките предизвици, за размена на искуства и знаења, но исто така и за промовирање на филмската фотографија како уметност. Федерацијата брои 49 национални здруженија членки и околу 4.000 кинематографери, не само од Европа, туку и од целиот свет.