Група револтирани граѓани за утре најавија протест за одбрана на Лагадин и охридското крајбрежје од понатамошна урбанизација. Протестот е закажан за напладне, пред градилиштето на спорниот хотел во населбата и во непосредна близина на планираната локација за спорната Медитеранска плажа.
Протестот, како што велат од Охрид СОС, има за цел да го сврти вниманието на институциите и на јавноста кон сите обиди за уништување на крајбрежјето, езерото и Националниот парк Галичица, кои најчесто се прават под превезот на развој и унапредување на туризмот.
„Ги повикуваме сите оние кои не се согласуваат со урбаното, еколошко, звучно и секакво друго насилие врз охридскиот регион, да дојдат и заедно со нас, преку еден симболичен чин, гласно да ги повикаат добрите духови на езерото и планината, во одбрана на автентичното природно, културно и амбиентално богатство на Охрид и крајбрежјето“, велат граѓаните во своето соопштение.
Во деновите кога се слави можеби најважниот ден за Македонија, организаторите на овој настан сакаат да потсетат на можеби најважното и највредното обележје на земјата, еден од нејзините најзначајни заштитни знаци, единственото место со УНЕСКО статус.
„Преку овој протест, бараме неотповикливо поништување на дозволата за изградба на спорниот хотел и негово уривање, повлекување на плановите за Медитеранска плажа, да се заборави еднаш и засекогаш лудата идеја за хотелски ресорти во Градиште и Љубаништа и експресен пат на Галичица. Бараме прогласување на мораториум на градењето на објекти од цврста градба долж крајбрежјето, до целосното преиспитување на досегашната стратегија заснована на идејата за негова хиперурбанизација и хиперурбанизиран масовен туризам и донесувањето на нова стратегија за одржлив развој. Оваа стратегија ќе овозможи трајна заштита на пејзажните и амбиентални вредности на охридскиот регион, во прв ред преку оневозможување на неговото натамошно затрупување со нови објекти од цврста градба и отстранување на започнатите, веќе оспорени градби, а потоа и преку развивање на концептите за развој на алтернативниот туризам и еколошки заснован јавен транспорт“, одлучни се граѓаните во својот повик за мирен протест со цел трајна заштита на охридскиот регион.
Охрид ЅОЅ дава целосна поддршка на ваквото самоогранизирање на граѓаните и ги повикува сите кои се во можност да се придружат.
„Богатството кое го имаме нема да се чува само, таа должност е наша и ние не смееме да бегаме од неа“, сметаат од Охрид СОС.