Охрид SOS: Со нов закон се отвораат врати за криминална урбанизација во целиот УНЕСКО регион

Пријатели и поддржувачи, со огромна загриженост ви ја пренесуваме информацијата што неделава стигна до нас. Имено, од доверливи и добро упатени извори дознаваме дека ДУИ притиска во новиот Закон за управување со светското природно и културно наследство на УНЕСКО регионот да се внесе задолжително гласање по Бадинтер во Советот за управување со светското природно и културно наследство на УНЕСКО регионот, стои во реакцијата објавена од иницијативата Охрид SOS.

Во продолжение, ви го пренесуваме целото соопштение на Охрид SOS:

Позадината на ова барање е локалната урбана мафија да има carte blanche, односно доколку навистина во законот се вметне таква одредба тоа ќе значи ширум отворени врати за криминална урбанизација во целиот УНЕСКО регион, бидејќи наместо да се усвојуваат одлуки поткрепени со стручни аргументи, исходот ќе зависи од нечија политичка волја т.е. од партиски пазар! А тоа е недозволиво во регион кој е уникатно светско природно и културно наследство и кој е од национален интерес.

Со оваа објава апелираме до нашите сограѓани, Албанците, да застанат на патот на беззаконието и јавно да ги осудат задните намери на ДУИ затоа што криминалците не се делат по вероисповед, етничка или партиска припадност. Сите криминалци седат на иста маса. Истовремено, сите ние, „обични смртници“, од кои било етникум или религија, сме еднакво ЗАГРОЗЕНИ од безочните притисоци и уцени на локални криминалци кои единствено ги интересира лична финансиска придобивка и акумулирање на моќ.

Во текот на нашето повеќегодишно постоење сосема јасно увидовме дека за УНЕСКО регионот, односно за заштита и промоција на неговите вредности еднакво се грижат луѓе од сите заедници. Заштитници има од сите вери и етникуми, како што има и уништувачи од сите вери и етникуми. Апелираме и до соседите од албанската страна – во период кога албанската страна на регионот се очекува да се впише на листата на светско природно и културно наследство, НЕ СМЕЕ на оваа страна од езерото да се дозволи урбаната мафија да ги пишува законите.

Ако институциите на државата не најдат начин да се сузбие овој криминал, за какви европски вредности и перспективи зборуваме? За какво одење напред и за кого? Сигурно не за обичниот човек кој и понатаму ќе биде оштетуван и злоупотребуван како гласачка машина која секој изборен циклус бира не морален, чесен и мудар водач, туку бира кој од понудените криминалци на избори да го краде во наредните четири години.