Охрид се дезинфицира по продолжениот викенд, 154 граѓани казнети за неносење маска

По гужвите за време на продолжениот викенд, Охрид денеска се дезинфицира. За викендот, полицијата, на територијата на градот Охрид, поради неносење на лична заштита на лицето казни 154 граѓани. Односно, СВР Охрид во петокот регистрирала 72 прекршувања на мерката, во саботата казнети биле 49 граѓани, додека во неделата биле казнети 33 граѓани.

Деновиве, полициски службеници можеа да се забележат долж кејот на Охридското Езеро

Најмалку осум кривични пријави се поднесени од Пазарниот инспекторат деновиве за непочитување на владините мерки, односно, поради тоа што во сместувачки капацитети недозволено биле сместувани гости.

Утрово, екипите на Јавното претпријатие „Охридски Комуналец“, согласно препораките на Кризниот штаб на Општината извршија дезинфекција на јавните површини на градот, а градоначалникот на Охрид Константин Георгиески најави дека дезинфекцијата на јавните површини ќе продолжи интензивно и во наредниот период.

фото: Фејсбук профилот на Георгиески

Туристичкиот центар викендов се наполни со гости, откако претходно беше најавено дека за неколку градови и општини полицискиот час ќе трае од 21 часот во четврток па се до 5 часот во понеделник.

Но, од ваквиот тип забрана за движење беа изоставени сите останати градови, меѓу кои и Охрид каде полицискиот час започна исто така во четврток од 21 часот, но траеше до 5 часот следниот ден, а забраната за движење продолжуваше наредните три дена со почеток од 16 до 5 часот наутро.

Кејот на Охридското Езеро на помалку од 20-тина минути пред почетокот на полицискиот час

На социјалните мрежи во меѓувреме постојано се дискутираше, откако низ интернет просторот почнаа да кружат фотографии од преполните патарините низ државата.

Министерот за здравство Венко Филипче, пак, исто така наиде на критики.

„Сведоци сме во овие последни часови како се пренатрупаа пред се туристичките места, сметам дека нешто поголем број на граѓани заминаа, меѓутоа, тоа е уште еден доказ дека колкав и број на граѓани да заминуваат, а секако кај продолжен викенд се очекува да се испразнат големите места и да се наполнат туристичките, мора да се почитуваат мерките. Ние ќе треба да научиме да живееме со ова и понатаму, секој следен викенд ќе биде со убаво време и е можност луѓето да заминат во туристичките места. Ние во мерките за олабавување, во следните чекори, планираме и отворање на хотелите итн..  Затоа, каде и да одат граѓаните, дали во рамките на своите места, дали посетуваат места, овие превентивни мерки се универзални, важат за секого и секаде“, изјави Филипче на прес-конференцијата од 5 јуни.

Неговата изјава во однос на заминувањето на граѓаните во туристичките места, кај некои граѓани предизвика револт, а тие прашуваа за тоа каква е тогаш потребата од забраната за движење.

Во Охрид досега се регистрирани вкупно 37 случаи на Ковид-19, додека бројката на активни случаи изнесува 20. Во целата земја, досега се дијагностицирани вкупно 3.152 случаи, а бројката на активни случаи изнесува 1.343.

Мартин Колоски